Протоколот за работа на градинките е претставен – еве како ќе функционираат

|

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, вели дека се направени сите подготовки за почеток на работата на градинките на 9 септември.
Во оние градинки каде ќе има недостиг од персонал поради мерката на Владата за ослободување од работа за родители на деца до 10 години, општината ќе мора привремено да обезбеди персонал како замена.

Министерот за здравство, Венко Филипче ги повтори точките на протоколот кој веќе е одобрен за работа. Вработените ќе носат маски постојано, ќе се мери температура при доаѓање во градинка на сите деца и вработени, и ќе се работи во помали групи. Министерот рече дека во случај детето да има температура додека престојува во градинка, истото ќе се изолира во посебна просторија и за него ќе се грижи негувателката на групата. Лицето овластено од градинката треба да го извести родителот и да контактира со матичниот лекар како и епидемиолошката служба.

Градинките треба да започнат со работа на 9 септември, според одлуката на Владата. Според податоците од анкетите, околу 19.000 деца ќе можат да се вратат во овие институции. Во моментот, над 14 илјади родители изразиле интерес да ги пуштат своите деца во градинка. Образовните групи со деца до 2 години не треба да имаат повеќе од 6 деца, додека групите со деца од 2 до 6 години не треба да имаат повеќе од 15 деца. Поради кризата, градинките престанаа со работа на 10 март оваа година.