Проверете си го мејлот, УЈП почнува со испраќање на даночните пријави

ИЗВОРСкопје24
|

Од денес, први април Управата за јавни приходи, започнува со доставување на претпополнетите годишни даночни пријави за остварени приходи во 2018 година. Оваа постапка е нова и се воведува од годинава.

Како конкретно ќе се одвива и што да очекуваат граѓаните? Во текот на месецот, граѓаните треба да добијат нотификација на мејл адресата за доставена претпополнета пријава на нивниот профил во електронскиот систем на даноци. Потоа, најдоцна до 31 мај треба да ја потврдат пријавата или да извршат корекции.

„Комуникацијата помеѓу регистрираните физички лица кои се регистрирани на системот еперсонален данок и Управата за јавни приходи ќе се одвива преку електронски пат и граѓаните нема да имаат потреба да одат на даночните шалтери. Граѓаните ќе имаат можност за увид во податоците коишто се наведени во претпополнетата пријава, со цел да ги потврдат или коригираат податоците. Даночниот обврзник својот одговор во смисла на корекции или потврда ќе може да го испрати преку електронски пат“, објаснуваат од УЈП.

Доколку граѓаните не испратат возвратен мејл до УЈП, ќе се смета дека пополнетата годишна даночна пријава е потврдена. Во случај на заборавена лозинка за влез во системот е-ПДД, граѓаните ќе можат да се обратат во контакт центарот на УЈП од каде ќе добијат нова лозинка со којашто ќе може да го користат системот.

Управата за јавни приходи минатиот месец ја објави Листа на должници бр.02/2019 за долгови доспеани до 31.10.2018 и неплатени до 31.01.2019 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

На листата се наоѓаат должници за кои вкупниот износ на долгот е:

повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

На Листата на должници бр.2/2019 објавени се 2.196 должници – правни лица (повеќе за 62 од претходната листа) и 2.427 физички лица (повеќе за 31 од претходната листа).

Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.2/2019 изнесува 9.958.252.401 денари, помалку за 163.761.186 денари од претходната листа.

Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 9.929.026.709 денари (помалку за 43.237.747 денари од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 29.225.692 денари (пoмалку за 120.523.439 денари од претходната листа).

Листата на должници бр.02/2019 можете да ја погледнете тука.