|
Двоспратен автобус „Јутонг“ на ЈСП- Скопје денеска околу 15:30 часот се запали на булеварот „Киро Глигоров“ во Скопје. Во моментот на запалување на автобусот, во него, за среќа, немало патници, бидејќи автобусот се повлекувал во гаража Автокоманда, по завршување на смена.
Поради брзата интервенција на возачот и интервенцијата на екипите на Противпожарна бригада на Град Скопје, опожарувањето на возилото било ставено под контрола, односно спречена е поголема материјална штета.
Возилото е осигурано и се очекува за кратко време да биде оспособено за користење.
Причините за запалувањето на автобусот допрва ќе се утврдуваат, откако комплетно ќе заврши увидот од страна на екипите на МВР.