За многумина легендарната рок група Queen и нивниот фронтмен Фреди Меркури се најдоброто нешто што се појавило во светот на музиката било кога, па поради тоа не е ни изненадување што и 30 години по заминувањето на Фреди фановите од целиот свет ја слават неговата музика. Со минатогодишното филмско остварување „Bohemian rhapsody“, нивните хитови повторно се најдоа на врвот на најслушани песни за 2018 година, што е доказ за тоа колку на луѓето им недостасува добра и квалитетна музика.
На Скопје деновиве му се случува музички пресврт на тоа поле. Во организација на Скопје Трибјут, во Станица 26 ни гостува најголемиот Queen Real Tribute бенд во Европа. Поради преголемата заинтересираност од македонската публика и купените билети во рекордно време, организирани се дури три концертни настапи, а билети повеќе нема. Првиот од настапите се одржа вчера кога публиката буквално полуде во преполната сала, а истата слика се очекува да се повтори и денес и утре.
Најдобриот светски Квин трибјут бенд како што ги нарекоа обожавателите во Бразил, го започнаа овој проект со цел да ги зачуваат сеќавањата за Фреди Меркури, но прераснаа во вистинска сензација. Тие не се само музичари туку се и големи фанови на Квин. Бендот настапува во облека идентична како на Квин и е составен од четири члена: Иван Ристановиќ кој е главниот волак, но кој покрај тоа ги доловува и специфичните движења на Фреди, Иван Џерфи – басист, Ненад Бојковиќ – Неша кој свири на идентична гитара како и Брајан Меј и кој со помош на монети го добива специфичниот тон на гитарата, како и Радош Чапин – Раша кој е тапанар на бендот.
Екипата на Скопје24 присуствуваше на генералната проба на бендот и направи ексклузивно интервју со фронтменот, Иван Ристановиќ кој ни раскажа малку повеќе за тоа како е да се биде во еден ваков одличен трибјут бенд, за нивното често гостување во Македонија, за нивните почетоци, нивните впечатоци и планови.
Зошто баш Квин и како започна целата идеја за реал трибјут бенд?
– Queen Real Tribute настана некаде околу 2005 година како забава. Бендот го создаде Неша нашио басист кој буквално од забава спои некои луѓе, потоа во бендот дојдоа Иван Ивчо – басистот и Раша – тапанарот. Тогаш тие свиреле онака опуштено и баш незадолжително неколку години и имале по некоја свирка таму и ваму, јас дури како фан ги имав посетено и ги гледат во таа постава кога беа во мојот град Панчево. Мене тоа ми се допадна, но никогаш не размислував за тоа и јас да учествувам во такво нешто. Во 2010 година онака случајно, под притисок на околностите и јас им се придружив и од тогаш сме во оваа постава, со една мала замена кога во 2012-13 Раша нашиот тапанар си замина па повторно се врати. Јас искрено не знам ни зошто сум баш во овој проект, никогаш немав некоја посебна желба, затоа што пред тоа се занимавав со авторска музика, но ете тие ми се допаднаа и ме викнаа онака баш незадолжително и еве не сега како сериозен трибјут бенд.
Фреди е еден од најдобрите вокали во светот ако не и најдобриот, па колку е тешко да се достигне неговото пеење, но да се изимитира сценската изведба, затоа што вие го пренесувате целиот перформанс?
– Јас се занимавав со музика но и со театар. Неколку години бев во еден театар, и да речам целокупно учев музичка и театарска уметност и тоа ми даде предзнаење за да можам да работам нешто вакво во животот, иако не мислев дека тоа ќе го работам. Во принцип, се се сложи некако и јас сега ова го гледам како голема театарска претстава и се трудам да не биде само на база на имитација, туку да биде на ниво на глума, па со текот на годините тоа се повеќе и повеќе се вежба и оди на подобро. Според мене на почетокот не беше нешто најдобро, но сега е се подобро и подобро, бидејќи со времето работите се кристализираат.
Во Македонија не сте прв пат, публиката тука ве обожава, но очекувавте ли ваква реакција од публиката и дури три концертни настапи целосно распродадени во рекордно време?
– Јас искрено не очекував таква посетеност. Јас бев изненаден кога првиот концерт се распродаде, а потоа и вториот, со што се закажа дури и трет. Навистина бев воодушевен. Многу луѓе дојдоа минатото лето кога имавме концерт со филхармонија во Градскиот парк, така да што претпоставив дека луѓето ги сакаат Queen, а со тоа и нас, и тоа е одлично.
Што е она што Вас ве врзува за Македонија, која е првата работа што Ви паѓа на памет кога ќе се спомне нашето име и како би ја опишале македонската публика?
– Влатко Стефановски е првото што го помислувам кога ќе се спомене Македонија, но и гостопримството и луѓето. Тоа ми е некако најзначајно. Секогаш ми било убаво кога сум бил тука. Со било кој бенд и да сум бил, секогаш бевме дочекани многу убаво, нагостени… Не само што сме имале настапи, туку сме излегувале со луѓето , сме разговарале, јаделе и пиеле… едноставно секогаш сме се забавувале. Ми било убаво и секогаш луѓето ми биле на прво место, затоа што се баш топли, не се ладни како некои други народи. Србите во таму горе не се дури толку топли. После свирка ние се запознаваме со луѓето и во Србија, ама тука луѓето некако баш ми се супер, баш се срдечни и не сакаат. Сега не знам дали не сакаат баш нас конкретно, но ми се чини дека има многу љубов меѓу луѓето.
Каде се сте настапувале и кој настап Ви оставил најдолем впечаток?
– Настапот со Македонската филхармонија можеби би го издвоил затоа што беше некако најгласен, не само по децибелите туку и целокупно по целиот настан и тука запознавме многу луѓе од хорот и орхестарот. Имаме настапувано насекаде, од Јужна Америка до Кина. Настапувавме во Бразил, насекаде во Европа, во Швајцарија, Франција, Чешка, Словачка, Германија, Австрија, во сите земји од поранешна Југославија, во цел Балкан исто така, значи во Бугарија и Романија… Следно за месец дена одиме во Русија па повторно во Кина. Така што настапуваме секаде, но најмногу сме овде во земите од поранешна Југославија па потоа и во Европа.
Кое е Вашето животно мото или што е она што Ве инспирира за да го работите ова?
– Ме инспирира генерално музиката и пеењето, тоа што многу ги сакам Queen, што сум ги слушал уште додека бев мало дете и ги гледав нивните спотови. Живеев во странство, па таму имавме сателитска телевизија и можев да ги гледам сите тие спотови речиси веднаш откако ќе излезеа. Уште од тогаш, од претшколска возраст, се занимавав со музика и театар, но помина некое време додека да влезам во овој бенд. Тогаш морав само да се потсетам на сето тоа и колку ги сакам Queen. Јас цело време ги сакав и ги слушав Queen, но ајде да речеме дека кога го започнавме овој бенд почнав подетално да го проучувам бендот и нивната работа, па се сетив на тие 80-ти години. Така што ме инспирира тоа што се работи за генијален бенд. Бенд што остава простор дури и во вакво трибјут шоу да отпееш малку поинаку и да се забавуваш со музиката на сцена, со движењата на сцена и да се забавуваш со самата сцена.
Која песна од Квин Ви е омилена на Вас и на која песна публиката надобро реагира кога сте на сцена?
– Публиката можеби најмногу реагира на некоја од нивните хипер хитови како „We are the champions“ или „We will rock you“, но јас ја сакам „I’m going slightly mad“, која што ние конкретно не ја свириме. Oд оние кои ги свириме од секогаш сум ја сакам Radio Ga Ga, таа песна и ден денеска мислам дека буквално е ин песна.
За крај што ќе им порачате на нашите читатели?
На читателите им порачувам да читаат, да пишуваат, и да дојдат на концерт за да доживееме нешто навистина убаво заедно.
Доколку сакате да погледнете некои од нив ните настапи тоа можете да го направите на нивната официјална веб страна, Youtube канал или на Инстаграм.
Автор: Наталија Јосифоска