Работниците во земјава просечно заработуваат по 3,2 евра на час

ИЗВОРnovlist.mk
|

Работникот во Македонија лани за еден час работа заработувал во просек по 3,2 евра што е и три пати помалку од развиените европски земји, каде што саатницата се плаќа и по 10 евра.

Но, ова е бруто сума, односно влегуваат и давачките кон државата. Просечната годишна бруто заработувачка лани била 7,300 евра или месечно работниците заработиле 594 евра. Но, 190 евра се за социјалните придонеси, па како „чиста“ плата на сметка работникот во просек земал по 405 евра.

Математиката покажува голема разлика во заработувачките на различните професии во земјава. Најплатени се државните функционери и дирекетори. Па така членовите на законодавните и извршните тела, дипломатите и директорите, државните функционери, раководните државни службеници, биле за над два пати подобри во заработувачката од просекот.

Лани тие имале просечна бруто заработувачка од 17.185 евра, а часот им бил платен по 7,3 евра. Најмалку платени пак се земјоделците и помошниците за подготовка на храна кои годишно во просек земале 4.545 евра, а за еден час само 2 евра. Скопјани лани во просек заработиле по околу 4 евра од час, а најслабо платени се работниците во Куманово, Кратово , Старо Нагоричане и Липково и Ранковце – 2 евра саатница. Жените во земјава заработуваат помалку од мажите.

За истите работни позиции за еден час работа мажите во 2018 во просек им биле исплаќани 3,5 евра – а на жените 2.9.

Ова се податоци од анализа на структурата на заработувачката на Државниот завод за статистика направена за 2018 година.

Споредено со анализата за 2014та кога просечната бруто заработувачка изнесувала 2, 8 евра – половина евро пониска од сегашната.