Ранко Стојановиќ: Во СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ активно ги следиме сите трендови и постојано воведуваме нови услуги

ИЗВОРСкопје24
|

„Од секогаш се стремиме на сите можни начини и во границите на нашите можности да им помогнеме на македонските превозници“.

Претпријатијата од областа на патниот транспорт во Република Македонија, заради остварување и унапредување на заедничките цели и интереси, се организирани во Стопанската интересна заедница за патен транспорт, согласно Законот за трговските друштва.

Заедницата делува под името Стопанска интересна заедница за патен транспорт „Македонија Сообраќај “ АМЕРИТ – Скопје, а формирана е
во 1999 година, како наследник на деловната заедница за патен сообраќај Македонија Сообраќај.

За активностите на оваа заедница, актуелната состојба во патниот транспорт, за дивите превозници и борбата со сивата економија во патниот сообраќај и многу други нешта зборувавме со Ранко Стојановиќ, оперативниот директор на СИЗ „Македонија сообраќај” АМЕРИТ.

Како ја оценувате актуелната состојба во патниот транспорт во домашни и во меѓународни рамки, гледано од аспект на членките на СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ?
– Интересирањето за работата на транспортните компании се зголемува како на домашен терен, така и во странство. Можам да констатирам раздвижување и во патничкот и во товарниот сектор. Работните групи за патен транспорт – товарен и патнички сообраќај во рамките на АМЕРИТ работат со полна пареа во насока на подобрување, како и во изготвување на агендата на приоритети на своето дејствување. Модерното време нѐ води кон дигитализација на транспортот, па оттука, една од нашите амбициозни цели е вклучувањето во дигитализацијата на транспортните документи и во унифицирањето на транзитните постапки. Активно ги следиме сите трендови во секторот, постојано воведувајќи нови услуги. Во прилог на сето ова оди фактот за одличната кадровска екипираност и подготвеност.

Од почетокот на годинава стапија во сила одредбите од ЕКМТ – Повелбата за квалитет во патниот транспорт во Европа, која е практично нов стратешки документ за меѓународниот патен сообраќај на стариот континент, која донесува низа новини, и тоа пред сѐ во делот на (до)обуките на транспортерите и сертифицирањето на нивните кадри. Како кај нас течат активностите за усогласување на натамошното работење и дејствување на македонските патни транспортери со оваа нова европска стратегија за развој на патниот транспорт?
– Како и досега, така и сега, ние се стремиме на сите можни начини и во нашите можности да им помогнеме на македонските превозници. Конкретно, во делот на обуките, веќе неколкупати имаме кажано дека сме подготвени и можеме да ги исполниме сите барања кои се поставени од страна на Министерството за транспорт со новите измени во Законот за превоз во патниот сообраќај, а се наметнати од ЕКМТ-Повелбата за квалитет во патниот транспорт во Европа. Како што знаете, нашиот Центар за обука е член на Академијата на ИРУ и со тоа ги има исполнето сите критериуми и добиено сите акредитации за меѓународно признаени програми на обука за професионалните возачи и менаџери. Тоа подразбира дека многу одамна ги имаме имплементирано сите потребни програми и начини за професионална обука на возачите во меѓународниот транспорт.


Во поглед на усогласувањето со новините во делот на обуките, кои се поставени од страна на Министерството за транспорт и врски, сметам дека претходнокажаното ви дава јасна слика дека од многу одамна сме подготвени да ги примениме потребните критериуми. Нашето неколкугодишно активно учество во SEED-проектот за хармонизација на стандардите во обуките со тие кои се применуваат во ЕУ, а се во согласност со ЕКМТ – Повелбата за квалитет, се доказ дека ние одамна сме подготвени за промените што следуваат.

Редовните распределби на транспортните документи – ЦЕМТ и другите дозволи за транспорт на стоки и одобрувањето на возните редови и линии за меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници се меѓу најзначајните настани за патните превозници во Македонија. Дали со овие годишни административни операциии со можеби најбараните и најпосакуваните транспортни документи, се обезбедува нормално функционирање на македонскиот патен транспорт во периодот што следува и има ли можеби некои пропусти на тој план или предлози од членките за нивно унапредување?
– Во период на очекување на резултатите од прелиминарната распределба за ЕКМТ-дозволите за наредната година, можам само да ви кажам дека неизвесноста и очекувањата се големи. Оваа година, 555 фирми аплицираа за 1.476 дозволи, а во системот се евидентирани 7.938 возила, влекачи и приколки и 4.788 возачи. АМЕРИТ оваа година активно им помагаше на превозниците при анализа на нивната апликација и искрено се надевам дека со измените во Уредбата за распределба на транспортните дозволи, бројот на не задоволнипревозници ќе биде многу помал од претходната година.

Досега најзначајните заложби и барања на АМЕРИТ и нејзините членки беа за успешно финализирање на борбата со сивата економија во патниот сообраќај, односно за сузбивање на дивите превозници. Има ли шанси да се анулира оваа несакана појава во македонскиот патен транспорт?
– Во рамките на Асоцијацијата, функционираат работните групи за патен товарен и за патен патнички транспорт. На агендата на приоритетите на работната група за патнички транспорт една од главните теми, која се дискутира е токму сузбивањето на дивите превозници. За овој проблем, кој со години егзистира, а со развојот на социјалните мрежи се мултиплицира, досега не е најдено соодветно и ефикасно решение. Предлозите на транспортерите, кои стигнуваат до АМЕРИТ, како иницијатива ќе се достават до Државниот инспекторат за транспорт, со цел да се заштитат легалните превозници и да се искорени сивата економија во секторот. Иако патничкиот превоз е најекономичен, најефикасен, најбезбеден и најеколошки, сепак е и најдискриминиран во однос на другите видови транспорт. Бидејќи превозниците се соочуваат со огромни загуби, меѓу другото и токму поради дивиот превоз и нелојалната конкуренција, сметаме дека треба да се донесат низа мерки, со кои овој вид транспорт ќе се стави на оправданото приоритетно ниво.

СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ во своето секојдневно работење дава испомош и логистика за транспортерите во користењето на разни е-алатки и други услуги неопходни во транспортната дејност. На каков одѕив наидуваат тие и колку се користат од страна на транспортерите, членки на АМЕРИТ?
– Во време на дигитализација на сите процеси во секојдневното дејствување, мошне логична и очекувана е употребата на современите технологии и во транспортната индустрија. Со имплементација на електронските алатки за ТИР, како што е електронската преддекларација ТИР-ЕПД, се намалуваат трошоците за транспортот и времето на чекање на границите. Транспортерите се секогаш расположени за употребата на е-алатките, кои ќе ја олеснат и забрзаат нивната работа, а со тоа ќе се забрза и превозот на патници и стоки. Ние, како асоцијација, постојано работиме заедно со членките за да бидеме во тек со светските дигитални трендови, кои значајно ги поедноставуваат транспортните процеси.

Возниот парк во патниот транспорт е еден од клучните аспекти за непречено и профитабилно работење на патните транспортери, како во автобускиот превоз на патници, така и во транспортот на стоки. Во последно време, на овој план и во светот и кај нас сѐ почесто се зборува за разни субвенции, но и за други начини и модели за модернизација на возниот парк на превозниците. До каде сме ние на тој план?
– Македонските патни транспортери располагаат со значително добар возен парк, што е за поздравување. Единствено со високоеколошки возила тие можат да бидат конкурентни на европските пазари. Морам да напоменам дека се увезени и голем број возила со пониски стандарди, додека во исто време, Европската Унија ги крена еколошките стандарди на повисоко ниво. Возилата што беа увезени како половни, сепак, остануваат на македонските патишта бидејќи не ги исполнуваат европските стандарди. Ние, како асоцијација, секогаш ги застапуваме интересите на транспортерите што се наши членки. Секако дека ова прашање е многу интересно и вредно, па така и ние планираме да поведеме иницијатива која би ги отворила дискусиите во делот за субвенции за модернизирање на возниот парк на транспортерите што истовремено ќе значи и почиста животна средина и поголема безбедност на патиштата.

Постојани се барањата на превозниците за помош од државата во создавањето на нови транспортни кадри, на што инсистира и ИРУ во своите апели и препораки за унапредување на транспортната дејност во светот. Какви се коментарите за ова кај членките на АМЕРИТ?
– Недостатокот на професионални возачи е навистина голем проблем со кој се соочува транспортната индустрија. ИРУ напорно работи во процесот на привлекување и инспирирање на младиот кадар. Енергијата на младите како и нивната креативност и мотивација во време на автоматизиција и софистицирани интелигентни системи е повеќе од потребна. ИРУ работи и ќе продолжи да работи со сите засегнати страни во јавниот и во приватниот сектор, а кои се расположени за имплементација на серијата планирани акции. ИРУ креираше Фонд за надминување на недостатокот на професионални возачи, кој ќе дејствува во четири клучни области, како што се: знаење, тренинзи, развој на меѓународна кампања, како и вмрежување на кое ќе се споделуваат најдобрите практики преку различни настани. АМЕРИТ, како члнека на ИРУ, ги поддржува овие активности и ќе ги приспособи на состојбите кај нас.

АМЕРИТ е постојано ангажиран за координација и соработка со надлежните државни органи (ресорното министерство, МВР, Царина…) од кои зависи нормалното функционирање на македонскиот патен транспорт. Кои предлози ги нотирате од членките на АМЕРИТ за унапредување на таквата соработка и за подобрување на нивното работење?
– За успешно работење на Асоцијацијата неопходна е блиска соработка со институциите, кои се директно или индиректно поврзани со транспортот. Пред сѐ, задоволни сме од соработката со Министерството за транспорт и врски и со Царинска управа на Република Македонија. Многу проблеми, со кои се соочуваат транспортерите, егзистираат со години и само со заедничка заложба и иницијативи пред надлежните органи можеме да го оправдаме нашето работење и да ги подобриме условите за работа. Со Министерството за транспорт и врски соработуваме на секојдневна основа бидејќи имаме јавно овластување за изадавање на тахографски картички, овластување за вршење на обуки за професионална компетентност и АДР. Заедницата активно учествува во мешовити и други комисии, формирани од ова министерство. Со МВР, соработката главно се состои во делот на дигиталните тахографи и безбедноста на патиштата, додека со Царинската управа имаме задача да го спроведуваме и унапредиме ТИР-системот. Овде е и Договорот за олеснување на трговијата, за што повеќе превозници да го добијат статусот ОЕО – Овластен економски оператор. Како дел од менаџментот на Асоцијацијата, заедно со директорот на АМЕРИТ, г. Лефтер Андонов, ќе се залагаме транспортерите да бидат соодветно презентирани и ислушани пред надлежните и воедно ќе застанеме зад сите ставови на фелата во насока на подобрување, забрзување и поедноставување на транспортот.

Посочете ни некои од плановите на АМЕРИТ за следната година и дали меѓу нив има нови проекти, кои би биле дополнителна поддршка на транспортната индустрија?
– СИЗ „Македонија сообраќај” АМЕРИТ постојано работи и дава поддршка на членките. Имаме во план повеќе активности, кои ќе одат во прилог на транспортерите, наши членки. Планирано е проширување на услугата за тахокартичките. Имено, тоа проширување на овој сегмент ќе оди во насока на чување на податоците од тахокартичките според законската обврска, како и нивна достапност. Планирано е отворање и на шпедиција, со што транспортерите ќе можат да ја завршат целокупната документација на едно место. Нашата заложба за дигитализација во транспортната индустрија може да се види и преку проектот е-Автобуска на кој активно работиме, кој треба да го олесни функционирањето во процесот на купување на автобуски билети и од кој корист треба да видат сите вклучени, заинтересирани и засегнати страни.

Н.Ј.