Рецепт за Бадник: Макало од суви пиперки со праз и компир

|

Богатата празнична трпеза никако не може да се замисли без традиционалните макала од суви пиперки, праз и компир.

Посебен вкус му даваат лутите везени пиперки, и во зависност од вкусот, можете да го направите помалку или повеќе луто. Нема да згрешите!

Состојките се класични, а мерките можете да ги менувате во зависност од вкусот и количината што сакате да ја направите.

Потребни состојки:

10 благи суви пиперки, 5 везени суви пиперки ,2 страка праз, 3 компири, масло за јадење, сос од домати, сол.

Подготовка:

Од оваа доза можете да направите два вида на макало – едното со суви пиперки и праз, другото со суви пиперки и компир.

Прво убаво измијте ги сите суви пиперки, исчистете ги од семките и ставете ги да се варат. Компирите излупете ги и насецкајте ги на поситни коцки и исто нека се сварат (можете и во истото тенџере со пиперките). Празот насецкајте го ситно.

Откако ќе се сварат пиперките, ставете ги во блендер и додадете 150-200 милилитри сос од домати и сол и убаво изблендирајте ја смесата додека не се изедначи. Таа смеса поделете ја на две половини.

Прво испасирајте го сварениот компир како за пире, а потоа во него додадете ја едната половина од смесата со варени пиперки и убаво мешајте да се соедини.

Во другата половина од смесата со пиперки и сос од домати додадете го сецканиот праз.

На крајот ставете во тенџере 150 милилитри масло за јадење убаво да зоврие, а кога маслото ќе се загрее, двете макала посипете ги со врело масло мешајки ги додека ставате превриено масло.

Макалата се подготвени за дегустација. Чувајте ги на ладно. Пријатен вкус!