Рибар е трет случај на конго-кримска треска, се испитуваат инсектите на брегот на Вардар

|

Третото лице на заразено од конго-кримска хеморагична треска е маж на возраст од 42 години, од Велес. Тој е донесен од Општа болница Велес, на Инфективната клиника на 12 август, саботата во вечерните часови. Како што информираше директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, пациентот е во добра општа состојба, направени му се сите потребни анализи и е под лекарски третман со неопходната терапија. Таа објасни дека конго-кримската треска се пренесува исклучиво преку каснување од крлеж, но може и да се пренесе преку несоодветно третирано млеко или месо од заразени животни и затоа најчесто се јавува кај сточари, риболовци, ловџии и здравствени работници. Случајот ги мобилизираше епидемиолозите, ветеринарите, службите од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветерина кои се на терен за заловување на инсекти и нивно испитување.

Институтот за јавно здравје го регистрираше третиот заразен случај конго-кримска хеморагична треска. Се работи за маж на возраст од 42 години, од Велес, кој е трансфериран од Клиниката од Општа болница Велес, на Инфективната клиника на 12 август, сабота во вечерните часови. Како што информираше директорката на клиниката, д-р Милена Стевановиќ пациентот е во добра општа состојба, направени му се сите потребни анализи и е под лекарски третман со неопходната терапија.

-Пациентот пет дена наназад се жалел на покачена температура, главоболка и на мускулно-зглобни болки, поради што и побарал лекарска помош. Тој бил рибар и не знае дали е каснат од крлеж. Таму каде што ловел риби, на брегот на реката Вардар има голема влага и бујна вегетација, можно е да не забележал, бидејќи кај него е видена мала рана – објасни д-р Стевановиќ и дополни дека под медицински надзор се членовите на неговото семејство и пет вработени во Велешката болница со кои дошол во контакт.

Епидемиолози, ветеринари, служби од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветерина се на терен за заловување на инсекти и нивно испитување.

-Очекуваме брзо да имаме резултати и денеска Комисијата за заразни болести да ги разгледа сите детали, кажа д-р Стевановиќ.

Таа објасни дека кога бил примен пациентот, анализите покажале намалени тромбоцити.

-Ние ова го третираме мултидисциплинарно во консултација со колегите од транфузиологија. Денешните анализи се уредни, но тоа не значи дека нема да имаме тек и развој на болеста, се надеваме поволен, а не како што беше кај претходната пациентка, рече Стевановиќ и дополни дека овој случај не е поврзан со претходните два случаи.

Доктор Стевановиќ објасни дека конго-кримската треска се пренесува исклучиво преку каснување од крлеж, но може и да се пренесе преку несоодветно третирано млеко или месо од заразени животни и затоа најчесто се јавува кај сточари, риболовци, ловџии и здравствени работници.

Таа истовремено информираше дека болничарката која е втор случај на конго-кримска хеморагична треска е во добра здравствена состојба, закрепнува и нема компликации од болеста. Таа ја прима антивирусна терапија лек „рибавирин“и состојбата и се подобрува.

Д-р Стевановиќ вели да не се дига паника, бидејќи целиот здравствен систем е добро подготвен почнувајќи од Министерството за здравство, ИЈЗ, Инфективната клиника, како и сите центри во државата и епидемиолошки служби, како и Ветеринарните служби. Сите заедно се во контакт и соработуваат. Таа, исто така, кажа дека има информации дека и во соседна Албанија се јавил ваков случај на зараза.

-Со оглед на тоа дека е топло време, сакам да апелирам до рибарите, да носат високи чизми и светла облека, исто и ловџиите, како и планинарите. Здравствените работници да не го заборават основниот редовен протокол за заштита. Засега тоа е доволно- нагласи Стевановиќ.

Од Институтот информираат дека почетокот на заразата е со покачена температура околу 38°Ц, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење. Минатиот месец беше откриена оваа зараза кај 27-годишната штипјанка која почина на 30 јули брзо по дијагностицирањето на вирусот. Таа беше касната од крлеж.

Од Институтот за јавно здравје информираат дека Одделот за епидемиологија на заразни заболувања, при ИЈЗ, е во комуникација со Центарот за јавно здравје Велес и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно и навремено ќе се информира јавноста.

-Вирусот се пренесува на човек, пред сè од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Болеста е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји. Болеста е смртоносна во 40 проценти од случаите и има брза прогресија – велат од ИЈЗ.