Со 5.000 денари не можат да го платат превозот до болниците во Скопје, а од каде пари за лекови и храна. Толку изнесува месечната помош за лицата со посебни потреби која ја добиваат од државата.
Револтирани родители поради како што велат не грижата од надлежните за оваа категорија граѓани денеска излегоа на протест пред Владата. Многумина од нив се на работ на егзистенција, дел земаат минимални плати, а други пак биле приморани да се откажат од работата зошто 24 часа мора да бидат покрај своето дете.
-Месечно имаме 30-40.000 денари трошоци за лекови. Овие 5.000 денари се доволни само 3 пати да појдеме во Скопје, нафтата стигна до 90 денари, изјави Горан Камчески, организатор на протестот и родител на дете со посебни потреби.
-Ќе кратиме на едното дете за да купиме на другото, на него лекарствата мора да му ги купиме, велуи Анила Трајчевска, родител на дете со посебни потреби.
Дел од родителите деновиве добиле зголемување на додатокот за 15 проценти, односно 700 денари, други не. Сметаат дека ниту тие пари не ги задоволуваат основните потреби.
-Бараме барем 100 проценти да се зголеми додадтокот иако и тоа нема да биде доволно, вели Камчески.
Освен зголемување на додатокот за лицата со посебни потреби, родителите бараат да се зголемат и помошта за туѓа нега и мобилност како и предвремена пензија за оние кои мора цело време да бидат покрај своите деца. Доколку не наидат на слух од власта најавуваат дека ќе продолжат со протестите пред Владата и Собранието заедно со децата.
Според нивните проценки зад барањата стојат околу 15.000 граѓани.