Рокот за предавање на домашната платежна картичка на оние граѓани што ги исполнија условите од оваа мерка што беше дел од третиот пакет-мерки на Владата за поддршка на економијата, истекува утре 18 јули.
Граѓаните може да ги искористат картичките најдоцна на 15 август годинава. Над 324 илјади граѓани, во четири категории добија платежни картички.
Прво се делеше домашна платежна картичка во вредност од 9.000 денари, за лица со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа. Вкупно 114 илјади граѓани беа опфатени со оваа мерка.
Потоа околу 117 илјади лица добија по 3.000 денари. Тоа се граѓани кои се во работен однос, но чии примања во првите четири месеци не надминуваат 60 илјади денари. За оваа категорија граѓани потоа беше одобрен и ваучер за туризам, кој веќе почна да се користи.
Младите од 16 до 29 години кои се дел од државното образование се дел од третата група граѓани кои добија финансиска поддршка по 3.000 денари, додека пак четвртата група граѓани ја сочинуваат здравствените работници со поддршка од 40 отсто зголемување на последната нето-плата.
Банките почнаа од почетокот на јуни да издаваат картички. Некои од нив ги испраќаа до дома, некои во одреден ден на одредена локација повикуваа да се подигнат картиките, со цел да не се создава гужва во експозитурите.
Издадени се и предадени над 187 илјади домашни платежни картички заклучно со 8 јули.
Досега направени се 700.000 трансакции и потрошени 11 милиони евра со овие картички. Дури 90 проценти од трансакциите од овие платежни картички се направени во супермаркетите.
Во моментов се проверуваат поднесените приговори на граѓаните кои сметаат дека ги исполниле условите, а не добиле домашна платежна картичка.
Овој проект е проценет на 28 милиони евра. Државата ги трансферираше средствата банките што ги издаваат картичките.
Треба да бидат изготвени сите картички од листата и да се продолжи со печатење на картичките од усвоените приговори согласно предвидените рокови.
Според предвидувањето на Министерството за финансии, домашната платежна картичка ќе ја подобри економската активност во државава во третото тримесечје за 0,7 – 0,9 процентни поени од БДП. Министерката за финансии Нина Ангеловска,вели дека со ова се дава поддршка не само на граѓаните туку и на домашните производители и даватели на услуги.
Картичките освен во супер маркет можат да се користат и за: ресторани, достава на храна, хотели, одморалишта, кампови, туристички агенции, пекарници, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за облека и спортска опрема,, обувки, аптеки, фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности.