Утре (08.06.) во времето од 18,00 часот до 20,00 часот, во организација на Стопанска банка АД Скопје, ќе се одржи ревијална трка „Вози право, вози здраво“ со старт од Вип Арена СЦ Борис Трајковски лево по булеварот „Илинден“ до Градски парк кај споменикот на Гоце Делчев каде ќе биде и целта на ревијалната трка.
Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот по булеварот „Илинден“ од крстосница со булеварот „Свети Климент Охридски“ до крстосница со улицата „Љубљанска“ и паркинзите кои гравитираат околу СЦ Борис Трајковски, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
За таа цел МВР апелира до Граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
И вечерва посебен сообраќаен режим ќе биде воведен во периодот од 18 до 23 часот поради одржување на меѓународниот фудбалски натпревар Македонија-Полска на арената „Тодор Проевски“.
Периодично пренасочвање на сообраќајот ќе има на булеварот „Илинден“, улицата „Аминта Трети“ и улицата „Наум Наумовски-Борче“.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Исто така, Град Скопје ги известува граѓаните дека почнувајќи од денеска, но и утре на улицата „Димитрија Чуповски“, во центарот на градот, е воведен привремен сообраќаен режим поради изведување градежни работи.
Поради асфалтирање на улицата „Димитрија Чуповски“, на потегот од раскрсницата со булеварот „ВМРО“, до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“, од денеска од 7 часот наутро па до 7 часот во недела ќе бидат затворени за сообраќај три коловозни ленти, и тоа: две ленти во правец Центар – студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“ и една лента во правец дом „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар. Возилата што се движат од Центар кон „Кузман Јосифовски Питу“ ќе мора да вртат десно на крстосницата на булеварОТ „ВМРО“ со улицата „Димитрија Чуповски“ и да возат кон булеварот „Партизански одреди“. Возилата што се движат од домот „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар ќе се движат во една лента, крајната десно.
Исто така, возилата што се движат по улицата „Васил Главинов“ кон крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ ќе можат да одат право кон булеварот „ВМРО“ и лево кон Центар. Вртењето во десно, за нив ќе биде забрането.
Во сабота пак, со почеток во 7 часот наутро до 7 часот в недела ќе бидат затворени три коловозни ленти на улицата „Димитрија Чуповски“, и тоа: две ленти во правец кон студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу – Центар и една лента во правец Центар – студентски дом „Кузман Јосифовски Питу“. Возилата што се движат од Центар кон „Кузман Јосифовски Питу“ ќе се движат по една коловозна лента, а возилата што се движат од „Кузман Јосифовски Питу“ кон Центар ќе вртат лево или десно по булеварот „Свети Климент Охридски“. Исто така, вртењето во десно од булеварот „Свети Климент Охридски“ кон улицата „Димитрија Чуповски“ ќе биде забрането, односно возилата ќе продолжуваат да се движат право по булеварот.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја проспособат брзината на движење на условите на патот.