Тоа може да открие многу за вашиот карактер, а истражувањата спроведени во изминативе неколку години покажуваат дека луѓето кои сакаат и чуваат мачки се поинтелигентни во споредба со сопствениците на кучиња, кои пак се подруштвени.
Нашите домашни миленици се одраз на нашиот начин на живот. Иако е врежано мислењето дека мачките се себични и дека бараат многу внимание, вистинската ситуација е многу поразлична. Истражувањата покажале дека меѓу мачките и нивните сопственици има многу посебна врска и дека мачките им помагаат на луѓето да се ослободат од стрес, да ги надминат тешкотиите и да се справат со загуба.
Психологот Семјуел Д. Гослинг од Универзитетот Тексас во Остин ги проучувал карактеристиките на луѓе кои рекле дека се љубители на кучиња и на луѓе кои се изјасниле како љубители на мачки.
Резултатите од неговото истражување ги потврдуваат резултатите од претходни истражувања дека љубителите на кучиња се поекстровертни и помалку невротични во споредба со љубителите на мачки.
Сопствениците на мачки, пак, се посамостојни и повнимателни во друштво, имаат потесен круг на пријатели во кои безусловно веруваат, но исто така се отворени за нови искуства.
Дека љубителите на мачки се поинтелигентни покажа и истражувањето на психологот Дениз Гастело на Универзитетот Карол во Висконсин, САД. Во истражувањет учествувале 600 студенти на кои им биле проценети психолошките фактори како начинот на размислување, емоционалната стабилност, доминацијата, топлината кон луѓето и слично.
Резултатите покажале дека сопствениците на мачки се помалку конформисти во споредба со оние кои сакаат кучиња и дека повеќе сакат ефикасност отколку правила. Исто така, „мачкарите“ покажале подобри резултати на тестови за интелигенција во споредба со „кучкарите“.
Има повеќе високообразовани сопственици на мачки отколку на кучиња. Причината е едноставна – образованите луѓе повеќе време поминуваат на работа, па им е поедноставно да чуваат милениче кое не бара многу внимание, како мачка, вели психоаналитичарот Стив Мекеон.