Сашо Лазаровски: „Пливањето е основа на сите спортови, апелирам во Р.М. да се градат што повеќе базени, за младите да се развиваат“

ИЗВОРСкопје24
|

Вистински професионалец и Претседател на Советот на Општина Карпош , а во слободно време грижлив татко, Сашо Лазаровски е нашиот нов Скопски лик на денот. Со задоволство го прифати разговорот со нашата екипа и одлучи отворено да говори за своите професионални и лични предизвици, за своето искуство како поранешен репрезентативец во ватерполо и за убавината на нашето заедничко Скопје. Разговорот го водевме на неговото работно место каде ни покажа како изгледа неговото секојдневие.

1. Што за Вас претставува Скопје и која е Вашата прва помисла за него?

– За мене градот Скопје претставува минато, сегашност и иднина. Градот во кој сум роден и живеам, град со богата историја, во кој ги имам најубавите спомени од детството и младоста. Првата помисла за Скопје е синоним за вечност, позитивна енергија, град кој никогаш не спие, катче каде што се преплетуваат приказни од старите Скопјани и новите генерации. Тука го создадов моето семејство, ја запознав сопругата, се оженив и сега имам два сина.

2. Како би се опишале себеси и што е она што на професионален и приватен план го сметате за најголемо достигнување?

– Во текот мојата кариера од директор на ЈП Водовод и канализација, заменик министер за локална самоуправа, економски промотор во Република Македонија на Агенцијата за инвестиции на Република Македонија, до денес како претседател на Советот на Општина Карпош, за најголемо достигнување ја сметам токму работата овде во општината, бидејќи тоа е местото каде што живеам и ми претставува голем предизвик и успех да се работи и да се помага на жителите на Општина Карпош и при тоа да се остават многу проекти и добри дела за идните генерации кои доаѓаат. На приватен план се разбира, најголемо достигнување и за мене најголема гордост е моето семејство.

3. Како (некогашен) сопственик на кафе барови во Скопје, сметате ли дека од овој бизнис може да се живее во Македонија и има ли Скопје што да им понуди и на локалните но и на туристите кои доаѓаат тука?

– Угостителството не е едноставна професија. Како и секоја друга професија и угостителството бара посветеност, максимална ангажираност, но и доста креативност, меѓутоа со доволно вложен труд сметам дека од оваа професија може да се живее. Како поранешен сопственик на кафе баровите „Дијабло“ и „Егзит“ имам искуство во тој поглед, бидејќи се занимавав со тоа во периодот од 1996 до 2008 година, па би можел да зборувам за ноќниот живот во градот Скопје. За жал со почетокот на политичката кариета, поради недостаток на време морав да се откажам од овие локали, но последниве години Скопје се промени многу. Се изградија многу нови содржини посебно во центарот на градот Скопје, како и Дебар маало кое заживеа и стана култно место, каде што има мали гостилници, ресторанчиња и кафанчиња. Што се однесува за понудата на Скопје за локалните жители и за туристите, според мене Скопје денес има како никогаш до сега огромен спектар на локали каде што секој од нас, а и туристите кои доаѓаат може да поминат пријатно часови со семејството и пријателите. ТЦ „Лептокарија исто така заживеа и стана место каде што одлично функционираат сите локали и каде што се собираат многу граѓани од сите краишта на Скопје. Како претседател на Советот на Општина Карпош би го напоменил и новиот трговски центар „Сити мол“ бидејќи има доста места каде што граѓаните можат да се дружат и релаксираат во слободните часови.

4. Како некој кој бил на повеќе различни раководни места во државава што е она што според Вас му недостига на Скопје и би сакале да го промените?

– Според мене потребни се повеќе културни манифестации, театри, но исто така потребен е и еден добар Луна парк каде што би можеле и помладите генерации да се забавуваат и да го поминуваат своето време. Во последниве 10 години се вложи многу во плоштади, паркчиња и раззеленети површини каде што граѓаните можат да се движат и забавуваат. И ние во нашата општина Карпош се трудиме што повеќе да има зеленило и паркови каде што би можеле да се дружат и помладите и постарите генерации, па сметам дека треба да се продолжи со изградба на вакви култни места. Бидејќи во нашиот град исто така има многу љубители на домашни миленичиња, мислам дека на градот му се потребни повеќе заградени паркови за миленици каде слободно ќе можат да ги шетаат и уживаат со нив. Би било добро на секое поголемо катче од градот да има по еден од овие паркови за миленици, бидејќи по моите сознанија постојат многу луѓе кои во својот дом чуваат различни миленици.

5. Како поддржувач на спортот и голем број спортски активности што сметате дека е главна предност и слабост на спортот во Македонија?

– Како главна предност ќе ги издвојам големиот број на спортски сали кои се изградија на територијата на Република Македонија со што спортот стана многу подостапен за сите. Се оживеаа многу згаснати и заборавени спортови како на пример уметничкото лизгање, ритмичка гимнасика и слично. Македонија изобилува со талентирани деца во било која сфера од спортот, меѓутоа можеби недостига малку поголема мотивираност и спортска дисциплина за да се добијат и освојуваат подобри резултати.
Како слабост за спортот во РМ би напомнал дека во законската регулатива треба да се донесат некој измени или подобрувања на законските решенија со цел што повеќе приватниот сектор и повеќе компании да добијат олеснување и да можат да влезат, да ги спонзорираат и да даваат донации во спортските клубови во сите спортови, за да може спортот да оди напред. Имаме позитивни примери во овој дел изминативе години. Видовме дека, посебно ракометниот клуб „Вардар“ и „Металург“ претходно, носат добри резултати кога некој добро стоечки компании ќе застанат позади нив. Тоа го докажаа и „Металург“ и претходно „Кометал Ѓорче Петров“ со женскиот клуб, како и сега женскиот и машкиот клуб на Вардар. Со мала финансиска инекција и помош, и на приватниот сектор и на државата, спортот во Република Македонија може да биде еден голем промотор во светот како и амбасадор. Иако сме мала држава со тоа можеме да направиме голема промоција.

6. Како поранешен репрезентативец на ватерполо во Македонија, сметате ли дека доволно се вложува во овој спорт и би можеле ли во блиска иднина да очекуваме поголем успех?

– Под покровителство на општина Карпош веќе четири години се одржува меѓународен турнир во ватерполо. Би сакал да истакнам дека овој турнир е финансиски потпомогнат од општината, Градот Скопје и СЦ Борис Трајковски. Ватерполото е еден спорт кој во поранешна Југославија имаше одлични резултати, ватерполо клубот „Вардар“ учествуваше во првата Б девизија во Југославија. Изминативе години голем труд се вложува, и веќе во многу од општините во Македонија се зборува за изградба на базени и тоа ме радува како човек кој доаѓа од една спортска фамилија. Мојата мајка е долгогодишен пливач, по потекло е од Република Бугарија и на времето, пред 40 години била мајстор на спортот во Република Бугарија. Таа инаку е дипломиран професор по пливање и има изучено голем број на млади од Скопје преку пливачкиот клуб Студенти Вардар, а исто така би го споменал и мојот брат Зоран Лазаровски кој беше олимпиец на две олимпијади, во Сиднеј и Атина, кој како добар спортист добро ја претставуваше Македонија. Сето ова го напоменувам за да дадам поттик за понатаму да се изгради спортска база, бидејќи сметам дека воднените спортови можеби се едни од најдобрите за децата и младите насекаде во светот и го даваат првичниот развој и моторика, а со тоа влијаат на здраво тело и здрав начин на живот. Сите треба да го почувствуваа тој спорт, дури викаат дека пливањето е основа на сите спортови, па би апелирал во Република Македонија во што е можно повеќе општини да се изградат базени, макар и да се тие помали базени каде младите би можеле да се вклучат. Како претседател на Советот во изминатите години честопати се обидував да лобирам до Градоначалникот, до Градот Скопје и до Агензијата за млади и спорт за развој на оваа инфраструктура во Македонија, па дури во моментов имаме договор за изградба на еден базен во општина Карпош, кој ќе почне да се гради во најбрзо време, а сакаме да направиме неколку во основните училишта каде што младите ќе можат да ги научат техниките на пливање за понатаму доколку сакаат да можат да продолжат да се занимаваат со пливање, ватерполо или можеби уметничко пливање кое во моментов е згаснато баш поради немањето на база.  Во Куманово веќе е изграден нов базен додека во Охрид е сеуште во изградба, со што се надеваме дека ќе има повеќе конкуренција и во иднина ќе се направи наша македонска лига.

7. Кое е Вашето омилено место во Скопје?

– Најмногу време поминувам во новиот парк „Македонија“ спроти Веро во општина Карпош бидејќи најмногу таму си играат моите деца, а има слободен простор и детски игралишта, мали патеки за велосипеди и тротинети. Исто така едно од најубавите места во Скопје според мене е Матка со своите убавини и мислам дека градот Скопје треба да се гордее со Матка и со таа природна убавина што ја има. Таму може да се користат и чамци за разгледување на пештерата Врело и да се возат на кајакци. Тоа е одлично како за нас таа и за туристите, а има и локал каде што може да се седне и да се помине убаво време. Таа убавина треба да се зачува. За жал во градот Скопје во тој дел имаме многу несовесни граѓани кои што фрлаат отпадоци и не ја чуваат природата, поради што би апелирал до сите граѓани да се однесуваат коректно спрема природата бидејќи треба да ја чуваме и заштитиме за да ја имаме. Од угостителските објекти пак, едно од најубавите места каде што може да се помине еден убав викенд со семејството и пријателие е Македонското Етно село кое се наоѓа токму на териотрија на Општина Карпош каде се испреплетени и историјата и културата, а и дел од архитектурата од сите делови на Македонија, а воедно претставува едно прекрсно место каде луѓето можат да отидат и да го потрошат своето време.

(Наталија Јосифоска)