Се гостела на грбот на граѓаните: Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и што не друго (ВИДЕО)

ИЗВОРМакфакс
|

Цигари, влажни марамчиња, мирисливи свеќи, калап за печење мафини, решо, дрвени лажици, чајник, се дел од работите што Општина Арачиново ги купувала со буџетот за репрезентација, кој најчесто е предвиден за службени ручеци, посети на странски делегации и работни состаноци.

До ноември минатата година Општина Арачиново потрошила околу 7 илјади евра во ресторани и кафеани, но повеќето од трошоците немаат допирна точка со репрезентација.

Па, така, редовно во Општината се купувале кроасани „севн дејс“, влажни марамчиња, мирисливи свеќи од лаванда, ванила, портокал, релаксирачки освежувачи за простор, кремови за раце… Општината трошела и за овошје, се купувале банани, ананас, киви. Од парите за репрезентација се издвојувало и за средства за чистење стакло, ламинат, „доместос“, влажни марамчиња, солна киселина, бришачи за стакло.

Но, не се застанало тука, па Општината решила да се поднови и во делот на домаќинството – минатата година во јануари Арачиново се подновило со решо, дрвена лажица, чајник, тацни и лажици за чај, калап за печење мафини и 5 алуминиумски овали.

Иако парите за репрезентација по правило се користат за ручеци и вечери кога доаѓаат странски делегации или претставници на државни институции, Општина Арачиново ги трошела на маслинки, пилешки шунки, руски салати, гуми за џвакање, димено месо, босански суџук, шеќер, чоколади. Еден ваков шопинг Општината ја чинел од 7 до 8 илјади денари.

Поголем дел од парите бил трошен во ресторани и кафеани, но во документите не пишува кој јадел и пиел ниту, пак, со каква цел бил одржан ручекот или вечерата, а само за дел може да се види што било нарачувано со парите. Најчесто сметките изнесуваат од 50 до 100 евра, но има и сметки од 500 евра за ручек или вечера.

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, два дена не беше достапна да одговори на нашите повици и да образложи дали со парите за репрезентација се купувале работи за домашна употреба или, пак, калапите за печење мафини биле за потребите на Општината.

Трошоците за репрезентација во општините не се регулирани на национално ниво, а само некои од општините имаат донесено правилници во кои се регулира како треба да се трошат парите за оваа намена.

Превземено од: Макфакс