Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивната потрага по детето Петар Џобоски, за кое неговиот родител пријави во петокот (25.02) вечерта дека се оддалечило од домот во с. Врбско, општина Прилеп.
Поради големиот интерес од страна на граѓаните кои сакаат да се вклучат во потрагата по 10-годишниот Петар, МВР објави телефонски број на дежурната служба во село Витолиште, каде можат да се обратат за коррдинации, објави Фокус.
Телефонскиот број е 071 268-594, а од МВР исто така апелираат доколку некој има информација која би помогнала за пронаоѓање на детето, веднаш да се јави во полиција.
Петар е дете со попреченост, и е исчезнат од петокот. Во потрагата по него се ангажирани 102 полициски службеници, хеликоптер, службени кучиња, како и дрон. Во потрагата се вклучени и членови на Територијалната противпожарна единица Прилеп, членови на спасителната служба „Златоврв“, ловното друштво „Мукос“-Прилеп, жители на околните села, како и граѓани доброволци од неколку градови.