Вратата која од просториите на ФK Тетекс води до теренот на стариот стадион во Тетово е заклучена, па наместо тука, откако фудбалерите ќе се подготват, заминуваат со возила до игралиштето на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Тренинзите се одвиваат на вештачка трева, на високи температури, а често имаат и здравствени последици.
„Се соблекуваме во овие простории коишто се на Тетекс, потоа со комбе, со сопствен превоз одиме до игралиштето со вештачка трева и таму го обработуваме тренингот. Се враќаме испотени назад, соблекуваме маици, едно ниво кое што не дозволено за фудбалски клуб како што е Тетекс“, вели Трајче Стојковски, капитен во ФК Тетекс.
„Со првиот тим тренираме во еден термин. Да речеме 10:30 часот, кога е многу топло, а тоа е вештачка трева која се вжарува од топлината и многу играчи се повредуваат, што за сметка на теренот кој е во лоши услови, што на сметка на времето. Топло е, се разболуваат, еве некои играчи имаат добиено и висока температура и сончаница. Бараме некое решение за да имаме мирна работа“, изјави Филип Деспотовски, шеф на стручен штаб на ФК Тетекс.
Фудбалерите од младинската лига тренираат на една четвртина од теренот.
„Четириесет деца тренираме на половина терен. Таа половина ја делиме уште на половина. На една тренираат кадети и младинци, а друга помлади пионери и пионери. И тука е невозможно да се направи тренинг. Тука може само да трчаме. Работа со топка е невозможно да се изведе, а во оваа суперлига во којашто играме, баш ни треба работа со топка за да ги совладаме техниките, да направиме многу планови“, изјава Стефан Ѓорѓевски, играч во ФК Тетекс.
Ова е долгодишен проблем на ФК Тетекс. Управата имала неколку средби со тетовскиот градоначалник. Последната во март, по што деновиве јавно побара да ги користат стадионите, на што од Општината им одговорија дека градскиот стадион се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига, со ветување за изградба на нов терен во Сараќино. Велат дека доколку се исполни истото, сепак ќе биде потребно многу време, а сегашните услови не се соодветни, особено кога ги прават подготовките за претстојното првенство.
„Ќе биде теренот во Сараќино, добор нека биде теренот во Сараќино, но што до тогаш? – Нашите барања се кратки и јасни: писмени гаранции дека клубот ќе може да се натпреварува на градскиот стадион. Зошто да не го користиме стариот стадион? – Да видиме дали има договор и со кој клуб направен – зошто не и Тетекс, и ако нема, зошто само еден клуб да може го користи тој терен?“, истакна Бобан Мишевски, спортски директор на ФК Тетекс.
Од Управата додаваат дека не можат да извршат реновирање на клубските простории, затоа што и сегашната и претходната власт ги отфрлаат барањата за легализација, иако ресорното Министерство дава позитивно мислење. Борбата ќе ја продолжат и институционално, а доколку не се исполни нивното барање за сите клубови да се третираат рамноправно, најавуваат протести.