Како беше воведена македонската валута?
Веднаш по прогласувањето на независноста на 8-ми Септември 1991-та започнале подготовките за монетарно осамостојување на Република Македонија.
Била формирана посебна Комисија за монетарен систем која ги координирала активностите кои официјално започнале со одлука на експертската Влада од 19-ти декември 1991. Народната банка била овластена да започне со изработка на вредносни бонови како привремено платежно средство.
Речиси 30 милиони единици биле отпечатени во „11 Октомври“ Прилеп во апоени од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1.000. Заради ефектите на хиперинфлацијата подоцна биле отпечатени и од 5.000 и 10.000 единици.
Како денарот го добил своето име?
Пеон, Статер, Лав, Македонски динар. Ова биле главните предлози за името на новата македонска валута пред да биде донесена одлуката таа да биде именувана како Денар. Предлогот дошол од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) поточно од академик Петар Илиевски.
Еве како изгледале првите македонски пари:
Речиси веднаш по пуштањето во оптек на вредносните бонови започнуваат и подготовките за воведување на првата стандардизирана емисија на македонски денари односно на банкноти од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари.
Процесот на замена на вредносните бонови со македонски денари трае до 10-ти мај 1993-та, а на 7-ми мај била донесена одлука со која еден денар вреди 100 дотогашни вредносни бонови со цел да се изврши прилагодување поради повеќегодишната инфлација.