Регулаторната комисија за енергетика, во присуство на сите релевантни фактори, го презентираше изменетиот предлог за блок-тарифите за домаќинствата и за малите потрошувачи што се снабдуваат со струја по регулирани цени. И понатаму останува одлуката дека овие блок-тарифи ќе важат само во дневна тарифа од 7 до 22 часот, додека во евтината тарифа, навечер од 22 часот до 7 наутро, како и цел ден во недела, нема да има блок-тарифирање, односно ќе има една цена.
Со новите измени е подигнат прагот во блоковите за искористена електрична енергија во однос на претходно. Но, првата најевтина тарифа и понатаму е за оние што имаат потрошувачка на струја до 210 киловат-часови електрична енергија во скапата тарифа во тек на 30 дена. Горната граница на втората блок-тарифа, место првично превидените 420 киловати, сега е утврдено дека ќе бидат 630 киловати, а третата тарифа е зголемена за 70 проценти од првичните размислувања и сега во неа ќе влезат оние со потрошувачка до 1.050 киловат-часови во скапа тарифа за 30 дена, а над тоа се веќе оние што ќе влезат во четвртата категорија.
Универзитетскиот професор Рубен Талески рече дека пресметките покажале дека за затоплување еден просечен стан со инвертор доволни ќе бидат 600 киловат-часови и затоа направиле промени во однос на висините на блок-тарифите, за да може тие што се греат на струја, да не плаќаат високи цени, објави Слободен печат.
Блок тарифи се воведуваат со една цел да се рационализира потрошувачката со електрична енергија, односно кој ќе троши повеќе тој ќе плаќа повеќе, кажа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски на подготвителна седница за реформата на тарифниот систем за електрична енергија (блок тарифи).
-Тарифните блокови претставуваат еден вид концепт како што беше персоналниот данок, кој има поголеми приходи да плаќа повеќе, истакна тој.
Цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава ќе зависи од тоа колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач ЕВН хоум, откако ЕСМ, од чија понуда најмногу зависи цената, во петокот понуди цена од 48 e/MWh на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што е зголемување од седум евра во однос на минатогодишната цена од по 41 евро за мегават-час.
АД ЕСМ, во соопштение до медиумите, објави дека и годинава повторно ќе испорачаат 100 проценти за потребите на граѓаните и малите потрошувачи, иако законот им дава можност да испорачуваат енергија од само 60 проценти од потребите на ЕВН хоме. ЕСМ учествува со околу 32 проценти во цената за крајните потрошувачи