Се сруши пешачки мост во Финска: Повредени 24 лица, повеќето од нив деца

|

24 лица, од кои повеќето се деца, се повредени денеска при уривање на привремен пешачки мост во финскиот град Еспо, недалеку од Хелсинки, соопшти спасувачката служба.

Нема загинати, но 24 лица се повредени, од кои 10 потешко.

Според управата на болницата во Хелсинки, повредите не се опасни по живот, пренесува „Ројтерс“.

„Повредите се главно скршеници на екстремитетите и не се опасни по живот“ – се вели во соопштението на болницата, додавајќи дека повредените припаѓале на училишна група.

Станува збор за деца кои биле дел од група ученици од осмо одделение кои се враќале од екскурзија, пишува финскиот весник „Хелсинг саномат“.

„Неколку луѓе паднаа на неколку метри кога се урна мостот. Ситуацијата се истражува“, се вели во соопштението на полицијата.