Се уште има чад од опожарената зграда во Тетово

|

Се уште има чад од опожарената зграда на „Македонија табак” во Тетово која се запали вчера утрото.

Пожарникарите и денес работат на целосно изгаснување и ликвидирање на пожарот. Чадот е причина и понатаму во Тетово да се чуствува непријатна миризба, која ги тера граѓаните на кашлање и гадење.

Од утринава и раните после пладневни часови се уште може да се забележи малку чад од опожарената зграда на поранешната фабрика „Македонија Табак”, каде сега стопанисува приватната фирма „Пофикс”. Поради чадот и понатаму во Тетово се чувствува непријатна миризба.

Докторот Ратко Давидовски од Центар за јавно здравје Тетово препорача внимателност и да не се останува надвор без потреба.

–Параметрите што се достапни се мирни, меѓутоа се уште има непријатен мирис, надразнувачки, кој предизвикува кашлање, иритација на очите, и самиот тој мирс е загрозување на јавното здравје. Вчерашните наши препораки беа да не се престојува на отворен простор и ако се престојува да се користи Н95 заштитна маска. Исто така, препораките беа малите деца, хроничните болни и постарите луѓе без потреба да не излегуваат на отворен простор, изјави Давидовски.

Според него има и објаснување за појавата на таков мирис поради што може да има загрозување на јавното здравје.

-Непријатната миризба во воздухот, зборувам во мое лично име, ме потсетува на емисии од топилиница. Моја претпоставка е дека таму има никел на кровната конструкција, гореше никел, пластика, не зборуваме за стиропорот туку за кровната конструкција, мирисот ме потсетува на мирис на заварување, а при заварувањето настанува баш оној карактеристичен мирис поради никелот. Најверојатно настанало хемиска реакција меѓу никелот и јаглерод моноксидот потоа се создаваат оксиди кои даваат ваков карактеристичен мирис. Напоменувам дека тоа е моја претпоставка, изјави Давидовски.

Според него во случај да има барем малку ветер во Тетово непријатната миризба ќе исчезне.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нурдини заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами денеска беа на локацијата на поранешната зграда на „Македонија Табак“ и се сретнаа со сопствениците на компанијата и разговараа за потребните мерки и поддршка за санација на штетите.

–Сега засега битно е дека се е над контрола. Но уште очекуваме извештаи да знаеме што гори, од тие податоци што ги имаме од мерна станица во Тетово укажува дека се зголемуваат тие загадувања, но за голема среќа ние сме во контакт со градоначалникот на Тетово и ги кооординираме сите мерки. Битно е дека нема големо загадување во Тетово, ние споделуваме секој час податоци на фејсбук страна и се координираме со општината и други институции, изјави Нуредини.

Вицепремиерот Битиќи за време на посетата рече дека материјалната штета од пожарот за жал е голема, но оти е најважно што нема човечки ж*тви.

-Секоја материјална штета ќе се надокнади заеднички, како што заеднички си помагаме кога треба компаниите да прават инвестиција. Ќе треба заеднички да изнајдеме начин како да се помогне во надомест на материјалната штета, затоа што сметам дека вака треба да се грижи државата, изјави Битиќи.

Градоначалникот Касами информираше дека учениците може да одат на училиште со оглед на нормалните вредности кои ги покажува станицата за мерење на квалитетот на амбинетниот воздух.

-И јас сум родител. Ми се јавија од дома и ме прашаа дали да го пуштат детето на школо. Дозволете ми да им препорачам на сите родители дека децата треба денес да одат на школо, тоа и го кажав на мојата сопруга од сабајле, параметрите, еве кажа и министерот се во рамките на нормала. Имаше многу губење на наставата, не треба, тоа да продолжи така. Јас ги замолувам сите родители, сите наставници од денеска да продолжи нормално наставниот процес, изјави Касами.

Од компанијата „Пофикс“ информираа дека штетата предизвикана од пожарот во нивните складиште првично изнесува над 12 милиони евра. Според нив, причината се обилните дождови кои предизвикаа поплави во одредени делови на градот.