Црвениот аларм се уште е вклучен кај грчките пожарникари и кризниот штаб, откако метеоролозите најавија за нов налет од неврме. Силен ветер со пороен дожд се најавува за дел од Грција. И во синоќешниот пороен дожд под вода завршија десетина куќи во источниот дел од земјата, поради што евакуирани се семејствата.
Жителите и туристите од Халкидики се обидуваат да се вратат во нормала од шокот кој го преживееа во средата, кога разорниот ветер и дожд 20 минути корнеше и носеше се пред себе. Шест туристи, меѓу нив две мали деца, и еден локален рибар беа негови жртви. Александар Магловски за Телма се присетува на страшното попладне.
И самиот се обидел да спаси повредени, чии животи биле во опасност.
Од деветмината кои се уште се во болница, двајца се токму овие соседи на Александар.
Животот полека се враќа на овој полуостров чија туристичка сезона е во полн ек. Главниот пат кој води до добро познатите места е расчистен од откорнатите дрвја и паднати бандери, се уште се чистат локалните патишта кои се очекува до утре целосно да профункционираат.
Вакво екстремно време е необично за овој дел од годината во Грција, но голем дел од туристите, исто како и Александар со неговото семејство, одлучија да останат и да го продолжат своето летување.
Алиса Шутиноска