Се враќа дневната евтина тарифа на струјата, потврди Бислимоски

|

Дневната евтина тарифа за електрична енергија ќе ја има два часа во периодот од 11 до 16 часот. Но, кои два часа ќе бидат ќе покажат последните анализи кои се прават, вели Бислимоски

Дневната евтина тарифа за електрична енергија сигурно е дека ќе се врати, а кога точно ќе почне да се применува ќе се знае за 15 дена затоа што уште траат разговорите и се чека одговор од „ЕВН хоум“ за колку време може да го прилагоди системот, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Според него дневната евтина тарифа за електрична енергија ќе ја има два часа во периодот од 11 до 16 часот. Но, кои два часа ќе бидат ќе покажат последните анализи кои се прават.

Бислимоски рече дека според цените на берзата во перидот од од 10 до 16 часот има или негативни цени, кои не се мали и се накаде околу минус 20 евра за мегават-час или, пак, има цени многу блиску до нула.

„Тоа значи воведувањето на евтината тарифа е само следење на пазарот на електрична енергија не само во Македонија туку и во регионот. Нема никаква политика, единствена цел ни е, во тој период, во тие два часа да испратиме сигнал да се купува евтина електрична енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа да се заштеди водата и јагленот затоа што ни претстои нова грејна сезона и ние треба да си обезбедиме електрична енергија од домашно производство“, рече Бислимоски.

Она што следно се очекува, рече Бислимоски, е операторот на дистрибутивниот систем да каже како ќе оди промената на софтверот на броилата, бидејќи за разлика од претходно сега во скапата тарифа има четири посебни блока.

„Ќе треба да ни кажат дали ќе треба да се прави софтверска промена на броилата, а ќе треба промена и на билинг системот имајќи предвид дека одредена количина на електрична енергија нема да биде во ниту еден од блоковите туку ќе отиде во евтината тарифа“, додаде тој.

Промената кон дневна евтина тарифа нема да биде воведена веднаш за сите корисници.

„Евтината струја нема да стапи на сила во еден ист момент за сите, поради тоа што голем дел од броилата немаат далечинско управување, па тимови ќе треба кај секој да пристапат физички за да се направи промената“, објасни Бислимоски.

Во следните 15 дена, Бислимоски вели дека ќе биде донесена одлуката од кога ќе почне примената на евтината тарифа.

Најважна, според Бислимоски, е цената по која „ЕВН хоум“ ќе купува од ЕСМ, а влијание има и цената по која Електродистибуција и МЕПСО ќе ги купуваат загубите на електрична енергија, дали ќе продолжат да бидат обезбедувани од ЕСМ како до сега, или ќе се вратат на претходното, на купување на слободниот пазар.

Во однос на цената на струјата, Бислимоски рече дека се прават последните анализи и дека некои оператори веќе доставиле предлози за цени. До, денеска, како што рече Бислимоски предлози доставиле Електродистибуција, „ЕВН Хоум“ и МЕМО во својство на оператор на пазар на електрична енергија. МЕПСО, како што рече Бислимоски, се уште нема поднесено барање на определување на цена за пренос на електрична енергија, но крајниот рок е 31 мај. Потоа, како што објасни Бислимоски, Регулаторната комисија ќе прави анализи и ќе се донесат одлуките.

„Електродистрибуција побара зголемување од 32,14 отсто, а ЕВН не достави предлог цена затоа што следниот месец ќе ги прави набавките на електрична енергија. Во однос на враќањето на ДДВ за електрична енергија од 10 на 18 отсто, ние како Регулаторна одлуките ги носиме без ДДВ и тоа врз нашата одлука нема да влијае“, додаде Бислимоски.

Превземено од: 360 степени