СЕЛО ЈАНЧЕ: Безвременска убавина и македонски бисер (ГАЛЕРИЈА)

ИЗВОРСкопје24
|

Кога се патува од Гостивар кон Дебар, од левата страна на патот под Бистра не може, а да не се забележи селото Јанче со својата прекрасна архитектура. Селото е сместено над течението на реката Радика, а неговите куќи се скалесто наредени. Поради ова добива изглед на орловско гнездо среде планинските врвови. До селото може да се дојде преку регионалниот пат Дебар — Маврово, во непосредна близина на Бигорскиот манастир.

Јанче е една од најстарите населби во мијачкиот регион од пред повеќе од пет века во долнореканскиот крај, која се споменува уште во документацијата на архивот на Истанбул. Според легендата, првиот жител на селото бил човек со име Јане, по кого се сметало дека селото го добило името.

Некогаш селото броело 80 куќи, а семејствата биле заедници составени од помали семејства. Во периодот 1956 – 1960 година постоела голема миграција главно во две насоки, Скопје и Турција.

Архитектурата на Јанче е родена во ретко виден природен амбиент и меѓу себе е поврзана со прекрасен планински пејзаж. Оваа архитектура претставува најубава потврда за природните ткаења и заемни растења во овој простор на каменот и дрвото, земјата и водата, сонцето и воздухот, месечината и ѕвездите, за чардакот и ридот… Бојата на оваа архитектура е боја на природниот пејзаж, бојата на кровот е боја на ридот и сè така… Архитектурата и природата се дополнуваат и прават една совршено осмислена целина.

Овие карактеристики за село Јанче се доволен предизвик за негова посета во престојните летни месеци, кога престојот во овој регион е посебно атрактивен бидејќи природата го нуди најдоброто од себе.