Љупчо Костадиновски кој се здоби со две прострелни рани во моментов е хоспитализиран во клиничкиот комплекс и е надвор од животна опасност.
„Живот во агонија, мета сме на банда која се охрабри да дојде да убива пред нашата куќа“, вели тукушто породената сопруга на веќе 4 месеци исчезнатиот Самоил и снаа на Љупчо Костадиновски во кого вчера моторџија испука два куршуми пред прагот на неговиот дом. Таа вели дека живеат постојано во страв, пред се за своите деца, па очекуваат надлежните институции што побргу да стават крај на хоророт во кој се наоѓаат и конечно правдата и целата вистина да излезат на виделина…
-Пред нападот, моето дете беше во колата, стравувам за животот на целата фамилија. Четири месеци нема ни трага ни глас од Самоил, фамилијата ни е на мета. Живееме во агонија една, не знаеме утрешниот ден што ни носи, бидејќи се осмелија пред куќата каде што живееме каде што имаме малечки деца.
МВР се уште трага по напаѓачот кој на при обидот за убиство зад себе ги остави и мотоциклот и пиштолот, велат дека насоките за истрагата се даваат од страна на јавен обвинител. Љупчо Костадиновски пак, кој се здоби со две прострелни рани во моментов е хоспитализиран во клиничкиот комплекс и е надвор од животна опасност. Според информации од семејството, треба да му се изврши операција и да се извади еден од куршумите кој завршил во пределот помеѓу градите и рамото.
За разлика од вчера кога беше полно со полиција и љуботини граѓани, улицата на која што се случи инцидентот денеска е тивка, ниту деца, ниту граѓани, единствено што поминува се автомобили…
-Ги нема полициските ленти, ниту моторот на напаѓачот, единствено што остана да сведочи за вчерашниот обид за убиство се трагите од крвта на асфалтот и стравот на улицата Островска.
Нападот врз Љупчо Костадиновски беше извршен вчера нешто пред 9 часот наутро, а според семејството причина за тоа е неговото неоткажување и упорно истражување и трагање по неговиот син. Тој се враќал од градинка каде ја оставил својата внука, а пред да паркира во дворот, бил пресретан од мотоциклист кој се обидел да го убие. Мотоциклистот при испукувањето изгубил рамнотежа и паднал, а на самото место го загубил и пиштолот. Костадиновски ранет се обидел да го совлада, но тој се дал во бегство трчајќи..