Сериозни штети за дел од компаниите ќе донесат законите со кои недела станува неработен ден

|

Компаниите ќе претрпат штета со измените во Законот за трговија, што ги повлече решението за недела неработен ден, велат од Сојузот на стопански комори. Според ова законско решение, 2% од прометот остварен во претходната година за работењето на трговските субјекти во недела и празници ќе мора да бидат наменети за изградба на нови детски градинки. Но, спорно е и тоа што вработените во трговските субјекти опфатени со овие законски измени, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%, додека оние кои работат во дејсности што заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница и слободен ден.

Законските измени наидоа на критики од стопанствово, додека пак Владата вели дека можноста недела да биде неработен ден им оди во корист на 92% од вкупниот број на работници во Македонија. Исклучоци има за дејности како трговијата, туризам и угостителство. Градежниците, пак, силно критикуваат затоа што велат дека нема да имаат континуитет во нивната работа, покрај толку многу празници и неработни денови во годината.

Законот предвидува забрани за работа во период од 15 дена за оние кои ќе воведат самоволие наместо работење според правилата, а доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во период од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Дополнително, додека трае забраната, газдите ќе мораат да им исплатуваат плата на работниците. Од Владата најавуваат и за поажурни редовни и вонредни контроли.

Петар Догов