Сигурно мислите дека не постои ништо подобро од престој во хотел со пет ѕвезди. Сепак постои, хотел со пет милијарди ѕвезди, но доколку сакате да кампувате. Да кампувате значи да оставите се зад себе, Тв, видео игри, мобилен телефон, интернет и цел стрес кој секојдневно го доживувате.
Замислете да ги напуштите сите обврски. Да земете шатор во рацете, храна и да се сместите во најубавиот предел од својата држава или подалеку. Овој тренд во последно време е многу популарен на Инстаграм, а тоа што е забележително е тоа што луѓето кои одат на кампување користат шатори со транспарентни кровови.
На овој начин се сплотувате со природата, а вашето камперско искуство е многу поинтересно отколку кампувањето во обичен шатор.
Само замислете си колку би било убаво така стуткани во шаторот да го гледате заоѓањето на сонцето, читајќи ја омилената книга и пиејќи топол чај.
Доколку сакате да уживате во целост тогаш изберете период кога времето е потопло без дожд и снег. Иако комарците може да ви преставуваат проблем сепак спрејот против нив може да ви помогне, а вие ќе може вистински да се одморите и да ги наполните батериите за новите животни победи.
Кога сте во дивина мора да знаете многу работи. Мора да научите како правилно да го поставите шаторот, да запалите оган и да знаете како да се вратите до шаторот кога ќе заминете да собирате дрва за оган по шумата.
Пробајте ги и останатите активности кои што кампувањето ви ги овозможува, како на пример риболов, планинарење или пак возење со кајак.
Уште еден многу важен аспект на кампувањето е тоа што ви помага да ги изградите и да ги зајакнете односите. Ќе имате прилика да разговарате и повторно да се поврзете со луѓето. Во такви ситуации секогаш имате за што да разговарате. Само треба да се соберете околу логорскиот оган и да ја споделите со луѓето приказната за тоа како сте го поминале денот, но и некои анегдоти од вашиот живот.
Кампувањето не е гламурозна активност, но во тоа е неговата убавина. Па доколку сте личност која секогаш и во секоја пригода сака да изгледа убаво, кампувањето не е за вас.