Шести ден по ред, крајбрежната служба на Грција и спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по исчезнатиот македонски државјанин на Халкидики.
Од Министерството за надворешни работи на Македонија синоќа соопштија дека „како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население“.
Вообичаена пракса на грчката крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена по исчезнувањето, меѓутоа овој рок беше продолжен по телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дедниас.
Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.
Иван, второто лице кое беше пронајдено реши да отвори донаторска сметка за собирање средства за потрагата.
„Почитувани, Јас, Иван второпронајдениот од тројцата изчезнати во Грција, во име на семејството на Мартин кои се во активна потрага, отворив наменска донаторска сметка за собирање на средства. Доколку сте во можност, би ве замолил за ваша донација за што побргу да ја завршиме оваа потрага и да им го олесниме товарот на неговата фамилијата.
Ве молам споделувајте
За донации од Македонија : 200003989311717 Стопанска Банка АД Скопје
Цел на дознака: Донација за Мартин Шифра на плаќање : 562 За донации од странство : IBAN : MK07200003989312202 SWIFT CODE : STOBMK2X Stopanska Banka AD Skopje“ стои во објавата на Иван на Фејсбук.