Германски Билд објави едно британско истражување на порталот Пост офис оф тревел мани (Post Office of Travel Money), во кое се споредуваат цените на одредени производи во разни летувалишта. Во истражувањето се споредуваат цени на одбрани прехранбени производи и некои други продукти што туристите секојдневно ги купуваат на летување, а ги вклучува следните производи: филџан кафе, пиво, минерална вода (1,5 л), газиран сок, крема за сончање, спреј против инсекти, вечера за две лица и една кутија цигари.
Шпанија е повторно најевтината земја за одмор во Европа, која веќе четврта година има ниски цени и е за 36 проценти поевтина отколку што била во 2011. За наведената потрошувачка кошница во Шпанија ќе треба да одвоите 45,62 евра. Меѓу најевтините земји се наоѓаат и Чешка (47,86 евра), Бугарија (47,95), Мексико (53,26), Унгарија (55,11) и Португалија (55,12). Во Хрватска за сето тоа ќе платите 70,61 евра.
Најдлабок џеб треба да се има за годишен одмор во Австралија, каде што цената на оваа потрошувачка кошница е нешто помалку од 140 евра. Меѓу средно скапите летувалишта во истражувањето се наведени Дубаи, Малта и Италија.