Реџи Нелсон како тинејџер сонувал за тоа да стане професионален фудбалер. Како и многу други деца на темнокожи мигранти, со потекло од Гана, во фудбалот видел шанса да го напушти Кенинг Таун, работнички кварт во источен Лондон.
Бил на добар пат – на 16 години го потпишал првиот договор со клубот Вокинг од шестата англиска лига, но потоа прстот на судбината му го променил животот.
Непосредно пред неговиот 18-ти роденден, таткото на Реџи кој цел живот бил зависник од алкохол, починал од цироза на црниот дроб. Но, Реџи одбивал да заврши како него, иако многу од неговите пријатели тргнале по истиот пат.
“И мене би ми се случило истото”, се сеќава Нелсон кој денес има 23 години.
Тргнал кон Кенсингтон со припремен говор
Поради тоа направил план. Едно саботно утро, Реџи го облекол своето најдобро одело и заминал со метро до Кенсингтон, отмен лондонски крај.
“Каде и да погледнев, сѐ укажуваше на богатство”, се сеќава тој на првите впечатоци.
Нелсон тропал од врата на врата, од првата до последната вила на улицата, а потоа на следната и на следната и на следната… Кога некој ќе му отворел, тој го започнувал својот припремен говор:
“Здраво, јас сум Реџи Нелсон од источен Лондон. Дојдов во Кенсингтон затоа што дознав дека тоа е најбогатиот крај во Велика Британија. Сакав да ве прашам какви се вашите способности и квалитети кои ви овозможиле да водите ваков луксузен живот, за да можам тоа да го анализирам и лично да го применам”.
Некои веднаш му ја затворале вратата пред нос, а некои му давале бескорисни совети. А потоа стигнал до куќата со број 44, каде ја запознал Елизабет Прајс. Таа го сослушала неговиот говор преку интерфон, а потоа го повикала да влезе.
Таму Реџи го запознал нејзиниот сопруг Квинтин Прајс кој во тоа време бил еден од шефовите во големиот американски фонд за управување со богатство “Блекрок”. Прајс ја сослушал неговата приказна и одлучил да му биде тутор – му обезбедил пракса во “Блекрок”, а Реџи дошол еден час порано за да остави што подобар впечаток.
“Едноставно правев сѐ што правеше Квинтин. Впивав како сунѓер”, се сеќава Нелсон.
Тој оставил одличен впечаток, а за време на летниот распуст повторно бил примен на обука. На крајот, Квинтин ја убедил неговата мајка да го испрати на факултет, што е реткост за некој кој потекнува од Кенинг Таун.
Реџи запишал економија и кинески јазик и дипломирал во 2017 година, но сепак тоа не било доволно за да се вработи во “Блекрок”. По неколку дена пробна работа бил одбиен, но му понудиле работа на платформа за финансирање на стартап компанијата “Startup Funding Circle”. Денес Реџи работи како аналитичар во компанијата за управување со богатство “LGIM”, втора по големина зад “Блекрок”.
https://twitter.com/bbcstories/status/1027547547517300737?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1027547547517300737&ref_url=https%3A%2F%2Ftocka.com.mk%2Fvesti%2F295902%2Fsiromasno-momce-obleklo-otmeno-odelo-i-pocnalo-da-tropa-od-vrata-na-vrata-zivotot-mu-se-promenil-koga-stignal-do-kukata-so-broj-44
Освен тоа, 23-годишното момче организира и семинари за млади, темнокожи тинејџери од сиромашните лондонски квартови за да им помогне и тие да успеат во своите животи.