Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ на денешната прес-конференција обвинија дека надлежните не направиле ништо за нормален почеток на скијачката семозна на нашиот најголем зимски туристички центар, бидејќи Попова Шапка останала без ветените инвестиции и не се обрнува внимание во поглед на инфраструктурата и упатија повеќе барања до Владата и до надлежните од Попова Шапка.
„Детално да се анализираат договорите со изведувачите на шестседиот ски лифт и да се преземат мерки за санкционирање поради тоа што тој сѐ уште не е довршен, редовно да се чисти паркингот, редовно да функционираат другите лифтови, да се обезбеди 24-часовно функционирање на амбулантата на Попова Шапка, поголема посветеност на Агенцијата за развој на туризмот и на Агенцијата за млади и спорт и повлекување на ЕЛЕМ АД од управувањето со Попова Шапка“, се дел од барањата на оваа граѓанска асоцијација.
Ако не се исполнат овие барања, тие најавуваат дека на 12 јануари ќе организираат протести и блокади на патот кон Шапка. Тие исто така бараат средба со премиерот Заев за да му предочат во каква состојба се наоѓа Попова Шапка.
Извор: Сакам да кажам