Скопјани чекаат и по 80 минути за автобус

ИЗВОРМИА
|

Скпјани се служат со 316 автобуси. Според постојниот возен ред, актуелен од 1 јануари 2017 година, најчестите автобуси се на седум минути, а автобус може да чекате и до 80 минути.

Скопјани се жалат дека треба да има почесто автобуси бидејќи, кога е шпицот, тие се преполни и нема место за да влезат во автобусот.

Од ЈСП Скопје, во согласност со условите со кои располагаат, сметаат дека генерално се задоволени потребите на граѓаните кои користат јавен превоз. Наспроти нив, граѓаните забележуваат дека треба автобусите да бидат почести, бидејќи има многу турканици и на одредени стојалишта нема место да се влезе во автобусот. Посебен проблем, според нив, се деновите во кои пензионерите имаат бесплатен превоз, пишува МИА.

Најголем проблем, според корисниците на јавниот градски превоз, е кога некој автобус ќе се исклучи дали е расипан или од друга причина. Тогаш, велат граѓаните, од ЈСП не пуштаат замена, па така се случува, на пример, на релација каде што автобусот е на 40 минути да го чекате наредниот автобус дури по 80 минути.

За да се направи промена на ваквата слика и пред се на возниот ред, неопходно е официјално барање или петиција од урбана заедница, работна организација, општина и слично испратена до Секторот за сообраќај при Град Скопје.

Инаку, таткото на главниот град, изјави дека се планира наредната година да започне изградба на трамвајска линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

Во соработка со збратимениот град Загреб од јануари годинава се работело на техничко решение за изградба на првата фаза на трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Решението е изготвено и како што вели Шилегов догодина очекува да стартува реализацијата на овој капитален проект за Скопје, кој ќе го помогне и Владата.

Според првичните проценки, изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра.