Турција излегува и на Егејско и на Средоземно Море и е светски позната по нејзините плажи.
Ако ова лето се одлучите да летувате во Турција, мора да посетите барем една од овие пет плажи кои се интимни, ненатрупани и просто прекрасни – вистинско скриено богатство во раскошната Турција.
Капуташ
Ова е мала плажа, скриена на патот меѓу Калкан и Кас. Плажата Капуташ е идеален избор за оние кои сакаат мир и релаксација, бидејќи е далеку од патот, па бучавата нема да стигне до вас додека се печете на сонце или уживате во морето. Тиркизната боја на водата е просто неодолива.
Долина на пеперутките
Единствен начин да стигнете до оваа плажа е со брод, а се наоѓа во близина на туристичкото место Фетије. Оваа плажа покрај тоа што е интимна и тивка, е атрактивна и поради можноста да видите повеќе од 100 различни видови пеперутки од јуни до септември. Најспецифична од сите е пеперутката Euplagia quadripunctaria со портокалово-црно-бела шара.
Патара
Ако сакате песочни плажи, тогаш Патара е местото за вас. Позната и како најдолгата песочна плажа во Турција, оваа убавица е достапна само со платен влез. Тоа гарантира дека нема да има премногу посетители, но е направено со цел да се заштити брегот каде се мрестат желките од еден локален вид.
Олудениз
Плажата е во непосредна близина на Фетије, а позната е по белиот песок и азурно сината вода. Се смета за идеална локација за параглајдинг, а локалното население препорачува да ја видите вистинската убавина на ова место од високо.
Лиманагзи
До оваа мала плажа во близина на пристаништето Кас се стигнува пеш или со бротче. Многу мала, но и многу мирна плажа, идеална за да побегнете од метежот и бучавата. Има едно мало кафуле во кое може да купите некаков освежителен пијалак.