Славчо Попоски со детална анализа на времето и објаснува кога ќе треба да почнеме да ги загреваме домовите

ИЗВОРНов Лист
|

Поради енергетската криза Европа е исправена пред тешка зима. Ова нема да ја одмине Македонија и регионот. Метеоролгот Славчо Попоски вели дека и во октомври ќе имаме денови со убаво време. Додава дека во согласност со прогнозите, дури кон крајот на октомври ќе имаме потреба од користење на грејни тела и загревање на домовите. За тоа каква зима ќе имаме, и дали ќе се соочиме со поларни температури, уште е рано да се каже. Идниот месец ќе има повеќе детали и попрецизна слика на оваа тема.

„Првични информации за тоа каква зима нè очекува ќе имам некаде во октомври. Инаку оваа есен ќе биде релативно топла и со натпросечно високи температури. Врнежите ќе бидат под просекот, значи очекуваме помалку врнежи од вообичаеното, а заладување на времето барем засега не се очекува, значи некое поголемо заладување на времето нема на видик. Ја разгледував анализата за зимските месеци, но сепак е многу неофицијална и истата укажува на тоа дека зимските месеци ќе бидат натпросечно топли со нешто повисоки температури и просечно количество на врнежи. Сепак и покрај ова можно е да дојде до спуштање на екстремно поларни воздушни маси од Арктикот и истите би условиле екстремно ниски температури на воздухот“, вели Попоски.

Како што објаснува метеорологот, беровскиот регион обично е најстуден, а се случува и битолскиот понекогаш да има доста студено време. Поповски вели дека централните и југоисточните предели на Македонија обично се најтопли. За летото кое е при крај, метеоролгот објаснува дека ќе биде запаметено по тоа што донесе временски непогоди.

„Временските непогоди често ни се случуваа. Имавме поплави во Тетово и Кавадарци и тие беа најпогодени од невремето. Временските непогоди сè почесто ќе ни се случуваат, тоа треба да се спомне, а температурите беа околу просекот. Значи имаме нормално топло лето и немавме некои премногу големи отстапувања“, рече Попоски.

Оваа зима ќе имаме ново поскапување на цената на струјата. Инаку, властите ги повикаа институциите и граѓаните да штедат електрична енергија, а тврдат дека рестрикции нема да има. Според нив, сите треба да се однесуваме разумно за полесно надминување на енергетската криза. Земјава ќе набавува струја од источниот сосед. Мерки за штедење има и ширум Европа.