Нашата држава од денес па во текот на целата оваа недела ќе се наоѓа под влијание на висински и плиток циклонски систем кој ќе услови дестабилизирање на времето, поточно до крајот на денешниот ден ќе имаме позначителна облачност со повремени локални врнежи од дожд и тоа најмногу изразени во западната половина од државава каде има услови и за локална појава на грмежи.
Ќе дува и умерен а особено по горниот тек на реката Вардар но и на исток повремено и засилен ветер од југоисточен правец додека пак температурите на воздухот ќе бидат високи и тоа под влијание на топлата воздушна маса која од југ продира кон нашата територија и истите ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 30 степени, во централните и во југоисточните предели истите се очекува да се искачат и до 32 степени.
Особено нестабилно ќе биде од четврток па натаму кога на многу места ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер како и услови за локална појава на град.
Според последните направени подолгорочни метео анализи поизразен топол бран од Африка нашата држава треба да ја зафати уште во првата половина на јуни месец.
Подготви: Славчо Попоски