Славчо Попоски: Невреме се движи кон Македонија, вечерва особено на запад и север дожд, грмежи, силен ветер и град

ИЗВОРСкопје24
|

Во склоп со изразениот Медитерански циклон СИЛВИО вечерва и во текот на ноќта особено во западните и во северните предели од државава ќе биде нестабилно со локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе има услови и за појава на НЕВРЕМЕ проследено со поинтензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град, токму поради оваа ситуација на граѓаните ги ПРЕДУПРЕДУВАМЕ во случај на појава на електрични празнења да бидат КРАЈНО ПРЕТПАЗЛИВИ односно да не претстојуваат на отворен простор и под осамени дрвја. Максималните дневни температури на воздухот ќе бидат многу високи и ќе се искачуваат во интервалот од 30 до 38 степени, информира метеорологот Славчо Попоски.

Повремени локални врнежи од дожд проследени со појава на грмежи ќе имаме и во текот на утрешниот ден кога ќе биде малку посвежо а ќе започне да дува умерен, повремено засилен ветер од западен и од северозападен правец. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени. Потоа во следниот период повтроно ќе има услови за повремена и краткотрајна нестабилност а температурите на воздухот ќе бележат тенденција на повторен пораст.

И УХМР излегоа со слична информација:

Попладне ќе има локален пороен дожд и грмежи, особено во западните и северните делови. Ќе дува умерен, во источните делови засилен југоисточен ветер. Кон крајот на денот ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со поинтензивен пороен дожд и силен ветер, особено во северните делови, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 38 степени целзиусови, а УВ индексот ќе достигне до 8.

Во Скопје претпладне ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локален дожд и грмежи, а доцна попладне ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со поинтензивен пороен дожд и силен ветер.

Во почетокот на наредната седмица времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Ќе има и повремен локален дожд со грмежи, утре во првата половина од денот, а во следните два дена во попладневните часови. Потоа до петок ќе преовладува стабилно и многу топло време.