Како што веќе најавивме утре доцна попладне и навечер ќе се случи судир на две воздушни маси (ќе се судрат многу топлата од југ и значително посвежата од север) во ваква ситуација на повеќе места ќе се развиваат олујни системи кој ќе условуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално ќе има појава на НЕВРЕМЕ проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења како и појава на град кој локално има услови да биде и од поголема величина (покрупен). Максималните дневни температури на воздухот и утре ќе бидат ЕКСТРЕМНО ВИСОКИ и ќе се искачуваат во интервалот од 35 до 41 степен додека навечер и во текот на ноќта кон четврток ќе бележат тенденција на значително опаѓање, информира метеорологот Славчо Попоски.
Во четврток веќе преку денот ќе биде многу попријатно кога максималните дневни температури на воздухот ќе бидат за 8 до 10 степени пониски од сегашните и истите ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 34 степени.
НАПОМЕНА: Наглата и голема промена на времето МНОГУ НЕПОВОЛНО ќе влијае особено врз метеопатите, исто така на граѓаните ги ПРЕДУПРЕДУВАМЕ во случај на силни електрични празнења и на НЕВРЕМЕ да не претстојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.
Инаку, за околу два степена е зголемена температурата на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро попладнево во однос на утринава.
Според последните мерења на УХМР во 13:30 часот, температурата на водата на Охридското езеро е 26 степени, а утрово била 23,5, на Преспанското е 27, а била 25,5, додека на Дојранското изнесува 30,8 степени, а била 29.
Како што велат од Секторот хидрологија, Дојранското езеро е поплитко поради што и полесно се загрева. Оттука и природно е да има повисока температура.