Поројни врнежи од дожд, грмежи, силен ветер, град, поплави и опасност дури и од торнада со себе носи бурата АНДРЕА која особено од денес и тоа како ќе влијае на времето кај нас и во регионот.
Локално се очекува во текот на следните часови да наврнат и над 100 л.м2 воден талог а на некои места дури и над 150 л/м2 со што растат условите за локални поплавувања како и за зголемување на нивоата на реките и езерата и локално нивно излевање, се очекува и нестабилна облачност проследена со интензивни поројни врнежи, силни грмежи, силен ветер и појава на град додека во делови од регионот и тоа особено во соседна Србија како и во Босна и Херцеговина но и во Хрватска има услови и за формирање на суперќелии односно олујни системи кој би можеле да условат и формирање на торнадо, известува Славчо Попоски.
Поради значителниот пад на температурите повторно на високите места се очекуваат врнежите од дожд да поминат во врнежи од снег со што се очекува и формирање на нова снежна покривка, снег на највисоките планински места се очекува и во државава и тоа особено на запад и на северозапад. Во Македонија пак локално се очекува да наврнат од 50 до 100 л/м2 воден талог со што растат условите за поплавувања, особено вакво огромно количество на воден талог се очекува во западната половина од државава.
„Андреа“ корнеше дрва во Загреб
Откорнати дрва, искршени гранки по улиците и оштетени покриви се дел од утринската глетка во Загреб по силниот ветер кој не прекинува да дува од вчера вечер. Сообраќајот на неколку улици е во прекин, а прекинати се и неколку автобуски линии.
Хрватските медиуми јавуваат дека пожарникарите во Загреб имале 150 интервенции во текот на ноќта.
Полицијата објави предупредување во кое им препорачува на граѓаните да не излегуваат од дома, доколку немаат потреба и да не престојуваат на отворено.
– Поради силниот ветер кој во текот на денешниот ден ќе дува во Загреб и Загребската жупанија, им се препорачува на граѓаните да не излегуваат на отворено ако немаат потреба. Ова особено се однесува на децата и повозрасните граѓани. Им препорачувме на граѓаните да користат јавен превоз. Исто така, ги повикуваме граѓаните да не патуваат кон планинските предели – пишува во сопштението.
Хидрометеоролозите од целиот регион најавија обилни врнежи од дожд во следните два дена и предупредија дека се можни поплави.