СЛЕДУВААТ ПОНИСКИ УТРИНСКИ ТЕМПЕРАТУРИ КОИ НА ПОВЕЌЕ МЕСТА ЌЕ СЕ СПУШТАТ И ПОД НУЛАТА – НОВ ВЛАЖЕН БРАН И ВРНЕЖИ ЗА ВИКЕНДОТ

|

Под влијание на низок воздушен притисок и на влажна и студена воздушна маса од север, до крајот на денов времето во Македонија ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд и истите локално ќе бидат ПОИНТЕНЗИВНИ и на некои места ќе наврнат над 10 л/м2 воден талог. Ќе започне да дува засилен ветер од северен правец кој локално ќе достигнува брзина од над 60 км/час. Поради заладувањето, на повисоките места и на планините врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Максималните температури денес ќе бидат значително пониски за разлика од изминатите денови и истите ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 14 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде претежно облачно со повремен дожд. Ќе започне да дува засилен ветер од северен правец, со што на околните планини ќе има услови и за повремени врнежи од снег. Максималната температура денеска во Скопје ќе се искачи до околу 9 степени.

Инаку како што најавивме, од утре следува неколку дневен период на стабилно и суво време со повеќе сончеви периоди. Ќе продолжи да дува умерен, повремено на некои места засилен ветер од северен правец. Минималните температури на повеќе места ќе се спуштаат и под нулата, додека максималните ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 16 степени.

Нов влажен бран од запад се очекува да ја зафати нашата држава во текот на ноќта сабота кон недела, и истиот ќе услови нови врнежи од дожд и снег на повисоките места и на планините.

И во Скопскиот регион од утре следува неколку дневен период на претежно стабилно и суво време со повеќе сончеви периоди, додека нови врнежи од дожд се очекуваат во текот на ноќта сабота кон недела и во недела. Минималните температури ќе се спуштаат во интервалот од -4 до 2 степени, додека максималните ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 15 степени.

За нови, детални и по потреба обновени метео информации, следете го официјалниот фејсбук профил на Славчо Попоски тукаМожете да ме следете и на инстаграм slavchopoposki