Словенија конечно ги лансираше своите први сателити „Немо ХД“ и „Трисат“, кои се дел од проект на Европската вселенска агенција. Заедно со уште 51 сателит од 13 земји, тие се лансирани со ракетата „Вега“ од полигонот во Француска Гвајана. Лансирањето поминало без проблеми.
Можеби уште поважно е тоа што сателитите се развиени од Центарот за вселенски науки и технологии во Љубљана и ќе помогнат да се набљудува Земјата за потребите на земјоделството, шумарството, урбанизмот и поморскиот сообраќај. „Немо ХД“ е тежок 65 килограми, додека „Трисат“ е наносателит од 4,4 килограми.
Поради лошите временски услови лансирањето на сателитите беше одложено неколку пати.
Сателитите ќе бидат на оддалеченост од околу 520км од земјата и ќе собираат податоци во следните пет години.