СНЕЖНИ ВРНЕЖИ И СЕ ПОГОЛЕМ СТУД ПОНАТАМУ

|

Под влијание на влажен и СТУДЕН воздушен бран до крајот на денов времето во Македонија ќе биде облачно и СТУДЕНО со врнежи од дожд на ниските и од снег на повисоките места и на планините. Врнежите од дожд ќе преминат во снег и на некои пониски места. До утре наутро на повеќе места ќе се формира нова снежна покривка, и тоа во западните и во југозападните предели локално со висина од над 20 цм, додека на планинските места локално со висина и од над 30 цм. Ќе дува умерен, повремено на некои места засилен ветер од северен и од североисточен правец. Максималните температури денес ќе се искачуваат во интервалот од 0 до 8 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде облачно и СТУДЕНО со врнежи од дожд, додека на околните планини врнежите ќе бидат од снег. Повремено услови за врнежи од дожд и од снег ќе има и во делови од Скопската котлина. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до околу 6 степени.

Инаку како што најавивме до вторник ќе има врнежи претежно од снег и тоа од локален карактер и повеќе застапени во западните и во југозападните предели. Ќе дува и северен ветер кој повремено ќе засилува на интензитет. Постабилно и релативно суво време се очекува да имаме од среда па натаму.

Што се однесува до температурите и тоа под влијание на студениот воздушен бран ќе бидат релативно ниски, особено наутро кога понекаде ќе се спуштаат дури и до околу -10 степени. Максималните дневни температури пак ќе се искачуваат во интервалот од 1 до 10 степени во најтоплите предели од државава.

И во Скопскиот регион до вторник ќе има услови за провејување на снег, или мешавина од дожд и од снег. Ќе дува и северен ветер кој повремено ќе засилува на интензитет. Минималните температури ќе се спуштаат во интервалот од -6 до -1 степен, додека максималните ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 6 степени.

Инаку досега се измерени нови 40 сантиметри снег во околината на Битола, поточно во село Цапари. Снежната покривка и понатаму ќе се зголемува со оглед на тоа дека во следните неколку денови ќе има нови снежни врнежи.

За нови, детални и по потреба обновени метео информации, следете го официјалниот фејсбук профил на Славчо Попоски тука
Можете да ме следете и на инстаграм slavchopoposki