Со голема радост и посветеност, актерката Јана Стојановска и нејзиниот свршеник, кошаркарот Андрија Бојиќ кој игра за МЗТ, ја планираат свадбата, која ја закажаа за во јуни во еден белградски хотел. По една година откако се запознала со Бојиќ, Јана вели дека не е нервозна пред големиот настан туку сосема растеретена, и во исчекување нејзината сестра, актерката Ана Стојановска да ѝ ја организира моминската вечер. За Женски магазин, Јана ја раскажа љубовната приказна со кошаркарот и сподели детали за свадбениот ден.
„ Со Андрија лично се запознавме на 13 април минатата година. Беше петок, источен петок Балаклија. Претходно си имавме разменето по некој збор на Инстаграм, тој тогаш играше во Полска. Слушал македонска музика, евергрини, и изборот на јутјуб го донел до мојата песна „Празни зборови” што ја пеевме во дует со Влатко Илиевски. Така решил да ми пише, тоа беше некаде декември. Потоа неверојатно, сосема случајно добил „прекоманда“ во МЗТ Скопје во април минатата година. Ми пиша дека е во Скопје и дојде на претстава. И толку беше. Судбинска приказна“ раскажува Јана. Таа вели дека не може на кусо да раскаже што сѐ ѝ се допаѓа кај Андрија.
„ Ќе треба многу повеќе страници од ова интервју за да опишам што сѐ ми се допаѓа кај него. Вистинитоста во целата релација најмногу. Колку е сѐ точно и како што треба. Од мала верував дека постои некој за секого. Потоа веќе не мислев така. Сега верувам пак“, открива Јана.
Пред свадбата, која ќе биде во јуни во хотелот „Југославија“ во Белград, Јана вели дека никогаш до сега не замислувала каков треба да биде овој ден за неа.
„ Многу сакам свадби туѓи, многу се радувам и се забавувам ама никогаш не сум ни замислувала каква би можела мојата да биде. Таму свадбите почнуваат од три и траат до 12 навечер. Се очекува да има многу гости, а јас се надевам дека сите ќе бидат среќни и весели. Тоа се моите најискрени очекувања“, ни раскажа актерката.
Јана вели дека сѐ уште не знае што точно ќе облече, но сигурна е дека ќе се пресоблече во нешто покомотно од венчалниот фустан.
„ Немам дополнителен стрес на темата, нека се движи сѐ како што ќе се движи. Немам ниту нервоза ниту се преоптоварувам со сето случување. Немам посебна замисла како сѐ треба да тече и да се одвива и среќна сум со тоа, на крајот на денот тоа се наши драги луѓе што се дојдени таму да ја прослават нашата љубов“, изјави Јана и додаде дека таа и Андрија уште не знаат каде ќе живеат по свадбата.
„ Со оглед на тоа дека станува збор за кошарка, додека Андрија игра, веројатно ќе бидеме таму каде што ќе игра во моментот. Од секогаш ми се допаѓал номадскиот живот. Моето работно време е флексибилно што ми е многу олеснителна околност“, вели шарматната актерка која во 2007 година беше Мис на Македонија. За нејзината сестра Ана, Јана раскажа дека е исто така вклучена во организацијата.
„Ана рече дека ќе го организира „девојачкото вече” (не знам како е на македнонски) хахахаха, зошто јас сум против „момачко“ и „девојачко вече“. Никогаш не ми било јасно што е идејата со таа „вечер“, ни раскажа актерката. Минатата година, таа беша актуелна, и сѐ уште е, по улогата на Јована во серијата „Сенки над Балканот“ чиј автор и дел од режисерскиот тим е Драган Бјелогрлиќ.
Женски магазин.мк