Со Грција ќе се воспостави електронска размена на царински информации за брз проток на граничните премини

|

Владата на денешната 55-та седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со иницијативата за склучување на Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци помеѓу Царинската управа и Независниот орган за јавни приходи (НОЈП) на Грција и го прифати усогласениот текст на Меморандумот.

Со овој Меморандумот за разбирање, во согласност со законодавството на ЕУ и националните законодавства од областа на размена на податоци, се овозможуваат мерки за олеснување на патниот сообраќај на Зелените коридори, мерки против царински измами, забрзување на царинските постапки, како и намалување на потребните документи и царински контроли, соопшти владината Прес-служба.

Владата исто така на денешната седница ја донесе и Уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност (ДДВ) по општини за 2023 година.

Согласно Уредбата, Министерството за финансии подготвува пресметки на распределба на приходите од данокот на додадена вредност наменети за општините, при што средствата од дотацијата се распределува на фиксен дел во износ од 3 милиони за сите општини и Градот Скопје и променлив дел кој се распределува според математичка формула во зависност од површината и бројот на жители и населени места во секој општина.

– Со Уредбата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2023 година се остварува континуитет во придобивките од фискалната децентрализација за дополнителна финансиска самостојност и ефикасност на локалните самоуправи за да бидат поблиску до граѓаните и за повисок степен на економски развој на локалните заедници, се додава во соопштението.