„Честитки! Вие сте еден од 100-те корисници што ги избравме за да добие шанса да освои Ајфон, Самсунг Галакси С 10 или Ајпад.“
Вакви пораки на своите мобилни телефони, во име на мобилните оператори во земјава, во последниот период добиле илјадници граѓани. Имаат краток временски рок да одговорат на неколку прашања од лесна анкета. И потоа секако ветувањето е дека мобилниот апарат најбрзо ќе им стигне на домашна адреса. Но, голем дел од тие што се излажале, кликнале и одговарале на прашањата, останале и без најнов тип на мобилен телефон, но и со попразна трансакциска сметка.
„Добив порака на мојот мобилен телефон, од еден оператор дека сум добитник на Самсунг или Ајфон, по мој избор, за што требаше да одговорам на три лесни прашања од анкета. Бидејќи изгледаше логична, плус со лого на операторот, одлучив да одговорам на прашањата. Потоа добив порака на англиски дека треба да уплатам 62 денари преку трансакциска, што секако го направив. Кога ми легнаа пари на трансакциска заклучив дека имам помалку 3.000 денари. Веднаш реагирав до банката и извадив нова картичка. И операторот и банката се оградуваа од случката“- вели граѓанин кој сакаше да остане анонимен.
Измамени граѓани има многу. На удар се и пензионерите кои се мета за ваквите лажни наградни игри. Мобилните операторите се оградија и ги повикаа нивните корисници да не подлегнуваат на измамата и да не даваат лични податоци и трансакциски сметки.
„Ја известивме јавноста и надлежните институции, дека е забележана активност на непознат субјект на „Phishing“ комуникација преку веб страна и директен маркетинг при што субјектот промовира програма за лојалност, лажно претставувајќи се и злоупотребувајќи го нашето име и лого. Ги преземаме сите законски мерки за заштита, спречување и одговорност на непознатиот субјект. “- одговорија од Оне.Вип.
„Македонски Телеком во неколку наврати во изминатиот период, јавно се огради од лажните наградни игри. Уште еднаш им препорачуваме на корисниците да не учествуваат во наградните игри поради ризик од злоупотреба на нивните лични податоци.“- велат од Македонски Телеком.
„Овие денови на интернет се појави лажна анкета и наградна игра со која се злоупотребува името и логото на Телекабел. Ве известуваме дека таква анкета и наградна игра нема објавено од наша страна. Ви препорачуваме да не учествуватее во истите бидејќи може да дојде до злоупотреба на вашите лични податоци. Сите наши новитети ние ги објавуваме на официјалната веб страна на Телекабел, на инфо каналот како и на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм“.- велат од Телекабел
Но, што прават институциите за да ги заштитат граѓаните? Од АЕК каде има и специјален Национален центар за одговор на компјутерски инциденти чија основна функција е да врши мониторинг и да превенира вакви ризици, велат дека прв пат слушаат, а до сега не добиле пријава од граѓанин. А граѓаните измамени од вакви лажни наградни игри ги препраќаат да пријават во МВР.
Од МВР велат дека до Секторот за компјутерски криминал нема пријава од мобилните оператори, но има една пријава од граѓанин за лажна наградна игра за Самсунг од 1 евро по која се постапува.