Со поглед и молитва кон црквата: Никна мурал на Тоше Проески во центарот на Скопје (ФОТО)

|

По примерот на многу метрополи во светот така и Скопје почна да се исполнува со повеќе мурали насликани од наши домашни ликовни уметници.

Она што ги израдува повеќето граѓани е тоа што овој пат насликана е нашата најголема музичка легенда Тоше Проески и тоа во близината на Соборниот храм во Скопје.

Добро познато е дека Тоше беше голем верник и токму поради тоа муралот е свртен кон најголемата црква во Скопје и крие посебно значење.

Креатори на ова прекрасно дело се Александар Поповски и познатиот македонски уметник Димитар Димитров, кои заедно соработуваат во последните неколку години.

Муралот се наоѓа во домот на браќата Никола Зацевски и Александар Зацевски, кои всушност се и основачи на хуманитарната невладина организација во чест на Тоше – Игра без граници (Play without boundaries).

Александар со години наназад организира хуманитарни концерти во Австралија, а од оваа година мисијата ја продолжи и во нашата земја, додека неговиот брат Никола е млад музичар и е најодговорен за пренесувањето на енергијата и духот на Тоше преку музиката.

“Муралот на Тоше, со поглед и молитва кон црквата е мотивација плус за овие амбициозни и хумани дечки да ја продолжат мисијата која ја започна Тоше”, вели Александар Поповски, еден од авторите на делото.

Инаку Поповски, црта од најмала возраст, но професионално се занимава со сликарство од 2013 година и на јавноста и е познат по многуте портрети посветени на легендата за кои дури одржа и самостојна изложба пред неколку години.

Покрај тоа тој се занимава и со фрескосликарство во православните цркви во Македонија.

(Наталија Јосифоска)