Собранието ќе потроши 422 000 евра за хотелско сместување и авиобилети

ИЗВОРТелма
|

Собранието ќе потроши 422 000 евра за авио билети и хотелско сместување на пратениците во наредните две години. Распишани се два тендера во висина од по 211 000 евра. Патните расходи во однос на минатата година се речиси двојно зголемени. Колку за споредба, за авио билети во 2018 биле потрошени 93 000 евра, во 2017 година 31 000 евра а во 2015 78 000 евра.

Слична е состојбата и со трошоците за хотелско сместување. Во 2017 година за хотели дадени се 53 000 евра а во 2015 год. 87 ооо евра. Со новиот тендер за оваа намена ќе бидат обезбедени 211 000 евра. Од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери велат дека средствата се зголемени поради интензивната меѓународната активност и соработка. За 2019 година планирани се 106 настани. На патувањата одат пратеници од сите политчки партии.

Отпочнат е скрининг процесот по поглавја на кои учествуваат и административни службеници од Собранието.По потпишувањето на Протоколот за членство во Нато, засилена е динамиката на парламентарците и нивните патувања во Брисел.

Предвидени се и активности на Собранието во европската агенда. Оттаму велат дека дел од предвидените средства за набавка на авио билети и хотели ќе бидат обезбедени од донација од Швајцарската агенција за развој за потребите на Парламентарниот институт, а дел ќе се рефундираат од огранизаторите на настаните. За секоја набавка упатено е посебно барање до 4 компании а ќе се одбере најекономичната и најрационалната понуда. Провизијата од тенедерите ќе биде 0,01 %.

Претседателските избори нема да бидат пречка за реализација на постапката. Од Собранието велат дека тие се предвидени и планирани согласно Годишниот план за јавни набавки за 2019 година, а во Изборниот Законик е наведено дека за се што е редовно планирано си тече постапката. Не смее да се менува само планот за нови набавки.

Јулијана Пешевска