„Солени“ цени и годинава ги чека туристите во Грција – вака изгледа почетокот на летната сезона

|

Затворени вили и спуштени ролетни – ваква е сликата во сместувачките капацитети во Грција. Кафетериите сеуште се неотворени, за разлика од минатите години кога во овој период вриело од туристи. Но, нестабилното време, студен бран, дождови, ветер, го направија своето.

Со попусти на дел од основните прехранбени производи но со „солени“ цени во рестораните соседна Грција, една од најпосетуваните дестинации за македонските граѓани, годинава ќе ги чека туристите, пишува Порталб. Но за разлика од минатите години, оваа сезона, според оценките на дел од грчките угостители не стартуваше со полн ек.

– За нас во мај летото требаше веќе да биде почнато, но. Ние мора да биде подготвени, за жал туристите речиси ги нема – вели менаџерка на хотелски комплекс.

Таа објаснува дека сегашните гости се дојдени од Англија, Германија, Чешка и дека тоа се туристи кои поодамна го платиле аранжманот и морале да допатуваат. Нестабилното време веќе влијаеше и врз дел од цените – ноќевање со појадок во еден од хотелските комплекси на првиот крак на Халкидики чини 27 евра по лице.

И на плажите сликата невообичаена за овој период од годината. По врнежлива петочна ноќ, следниот ден крај морското крајбрежје сè уште се чувствува студениот воздух, туристи облечени во „есенска“ гардероба.

– Денеска го отворивме ресторанот. Лани во овој период имаше многу гости, почнавме да работиме на крајот на април, а сега, на крајот на мај и нема гости како лани. Се надевам дека ќе успееме да надоместиме во јули, август – вели вработен во грчки ресторан во едно од туристичките места лоцирани на Халкидики.

Цените за сместување во најпопуларните, и за нас географски блиски, туристички места во Грција варираат од зависност од близината до морето, комфорот, локацијата.

За едно грчко фрапе и едно гиро ќе платите 9 евра, кафето чини 5 евра ако го пиете покрај море, а за гирото ќе платите 4 евра – ова се цените кои ги диктираат угостителите во најголем дел од туристичките места на Халкидики. Цената на брашното, во зависност од количина и намена се движи од околу 1 евро до над 2 евра, па така половина килограм наменско брашно чини 0,80 центи а килограм се продава по цена од 1,45 евра до 2,30 евра.

Тестенините, во зависност од видот се продаваат до или нешто над 2 евра, па така пакување на диетални тестенини со редовна цена се продава по 2 евра а останатите основни видови на тестенини (макарони и шпагети) чинат 1,40 евра. Во продавниците се забележуваат акциски намалени цени, особено кај дел од основните прехранбени производи. Цената на сол за секојдневна употреба, во зависност од грамажата, се движи од 0,65 центи до 2,25 евра за килограм.

Доматен сос во пакување од 250 грама се продава по цена од 0,95 евра до 1,75 евра, половина килограм грав чини 2,35 евра а пакување од половина килограм леќа е со цена од 1,80 евра.

Рестораните, таверните, кафетериите „држат“ речиси исто ниво на цени за храна и пијалаци, но сепак има ценовна разлика во зависност од туристичката локација. Во рестораните и таверните цена на порција салата се движи од 8 евра па нагоре, така грчката салата чини 8 евра додека Цезар салата 9 евра. Клуб сендвичите се продаваат по 8 до 9 евра, хамбургер од 7 до 10 евра.

Безалкохолните пијалаци, газирани сокови, чинат од 4 евра до 5 евра, пивото се продава по 5 евра додека, чаша вино чини 6 евра а најскапи се коктелите чија цена достигнува 10 евра. Цената на сите видови кафиња и на чаша ладен чај е 5 евра а на порција овошна салата 7 евра.

Порција морска храна чини од 8,50 евра (сардини) до 80 евра за 300 грама ракчиња, додека порција со парче месо со зеленчук чини од 9 до 12 евра.
Угостителите се надеваат на продолжена летна сезона, која поради нестабилното време очекуваат да продолжи и во септември.