Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на својот Фејсбук-профил објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.
-Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците, наведува СОНК.
Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.
Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.
-На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.
Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.
Градоначалниците од Полошкиот регион во вторникот побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите. За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.
-Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електирчна енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас не поддржуваат и други градоначалници, изјави Таравари.