Сообраќаен хаос, редици возила заглавени во метежот поради нефункционалноста на мостот „Беласица“

|

Километарски колони возила, губење неврви време и пари – сообраќаен колапс во Скопје. Поради опожарениот мост над вардар, кој поврзуваше повеќе населби, настана уште поголем хаос.

Универзитетскиот професор Горан Марковски за ТВ 24 вели дека мостот не мора да се урне туку треба да се санира.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека сите институции што треба да се вклучат, ќе бидат на располагање за што побрзо пуштање во функција на мостот „Беласица“ кој е затворен поради пожарот што настана пред шест дена.

-Според она што го имам како информација прво мора да се направи детална статичка проверка на мостот што е процес којшто мора да го направат стручни институции и лица и врз основа на извештај што ќе биде изготвен. Тој е дел од градот Скопје и секако дека и државата има обврска да биде што побрзо ставена во функција таква клучна сообраќајница. Сите институции што треба да се вклучат, ќе бидат на располагање, рече Ковачевски.

Мостот од безбедносни причини е затворен за сообраќај. Пожарот избувна ноќта меѓу 11 и 12 мај. Според известувањата од Центарот за управување со кризи, бил пријавен околу полноќ на единствениот број за итни повици 112. На терен биле испратени осум противпожарни возила и 21 пожарникар. Изгаснат е околу четири часот наутро. Од Противпожарната единица, тогаш за МИА изјавија дека запалена била електрична инсталација и систем за парно греење.