Сопственикот на Дурмо турс, Дурмиш Белули и возачот Маноил Трифуновски од Шутка се пуштени во домашен притвор. Оваа одлука ја донел судија на претходна постапка откако ја примил лекарската документација за влошена здравствена состојба на осомничените. Од обвинителството веднаш вложиле жалба во која аргументираат дека судијата не е надлежен, а донесува ваква одлука, кој претходно ја потврдил и Кривичен совет, кој е повисока инстанца. По ова побарано е мислење од одбраната на осомничените и ќе се одлучува по Велигден. За катастрофалната несреќа кај Ласкарци во која животот го загубија 16 лица, осомничени се седуммина. Истрагата е сеуште во тек.
Инаку, превозникот „Дурмо турс“ добил тендер за превоз на ученици, само два дена по страшната сообраќајка кај Ласкарци, објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Договорот е склучен на 15 февруари, а пред некоја недела беше објавен на интернет страната на Јавни набавки. Вкупната сума на тендерот со ДДВ е 27.600 евра.
Тендерот бил објавен од средното училиште „Неготино“ од селото Неготино во Општина Врапчиште, а „Дурмо турс“ била одбрана во конкуренција со уште една фирма.
Како што пишувало во договорот, „Дурмо турс“ од 15 февруари до 31 декември ќе ги превезува средношколците од шест села од дома до училиштето и обратно. Критериум за добивање на договорот била најниска цена.
Според податоците на Јавни набавки, „Дурмо турс“ понудила цена од 700 денари, а конкурентската фирма 3.300 денари.