Герасимовски: Состојбата со „Треска“ е страшна и тоа е депонија во центарот на градот

|

Чадот кој се издигна над „Треска“ во четвртокот беше видлив од секаде, но во атмосферата не се испуштени отровни честички.

Ова го тврди градоначалникот на Центар врз основа на податоците коишто ги измериле мерните станици во околината на поранешната фабрика.

Опасност за околината во моментов нема, но „Треска“ и понатаму останува потенцијална еколошка бомба во центарот на градот и халите треба да се исчистат од отпадот кој стои таму со години.

Обврската за отстранување на остатоците е на сопствениците и тие сега ќе мора да ги испочитуваат роковите од општината и да делуваат.

„СОСТОЈБАТА ВО ФАБРИКАТА Е НАВИСТИНА СТРАШНА. ЛОКАЦИЈАТА Е МОЖНО ЖАРИШТЕ НА НОВИ ПОЖАРИ, НО И ЕКОЛОШКА КАТАСТРОФА И ДЕПОНИЈА СРЕДЕ ЦЕНТАР. ТАМУ, СОГЛАСНО ЗАКОНСКИТЕ ПРОПИСИ, САМИТЕ СОПСТВЕНИЦИ НА ОБЈЕКТИТЕ ТРЕБА ДА СИ ГО ИСЧИСТАТ ОТПАДОТ, ПО НАЛОГ НА ОПШТИНАТА И ОСТАНАТИТЕ НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ. „ТРЕСКА“ Е ФАБРИКА ЗА ДРВЕНА ИНДУСТРИЈА И ТУКА ПРЕД СÈ СЕ РАБОТИ ЗА МАТЕРИЈАЛИ ОД ДРВО, ЖЕЛЕЗО, БОИ И ЛАКОВИ И ДРУГИ МАТЕРИЈАЛИ ОД ТОЈ ТИП“ ИЗЈАВИ ГОРАН ГЕРАСИМОВСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ЦЕНТАР.

Просториите каде што некогаш се произведувало мебел деновиве беа посетени од увидните екипи кои дел по дел собираа евентуални докази и бараа траги.

Сè уште нема одговори на прашањата дали пожарот бил подметнат.

„ПРЕТСТАВНИЦИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ НА КРИЗЕН ШТАБ НÈ ИЗВЕСТИЈА ДЕКА УВИДОТ Е ЗАВРШЕН, НО ВО ТЕК Е ПРЕДИСТРАЖНА ПОСТАПКА НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО. ПОТОА ЌЕ ГИ ДОЗНАЕМЕ И СЛЕДНИТЕ ЧЕКОРИ ЗА ПОНАТАМОШНО ПОСТАПУВАЊЕ“ РЕЧЕ ГЕРАСИМОВСКИ.

Два часа по пожарот во четвртокот, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, пред камерите на медиумите кажа дека има индиции дека пожарот е подметнат.

Во одговор за Телма, од Град Скопје истакнуваат дека ќе соработуваат со институциите за да се забрза истрагата.

„ИСКЛУЧИТЕЛНО Е ВАЖНА И РАДУВА БРЗАТА РЕАКЦИЈА НА НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ МЕРКИ СО ЦЕЛ ОТКРИВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ ЗА НАСТАНАТИОТ ПОЖАР, ОСОБЕНО ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА СО ИСТИОТ БЕА ЗАГРОЗЕНИ ГОЛЕМ БРОЈ ОКОЛНИ СТАНБЕНИ КУЌИ И ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ КОИ СЕ ПОД ОПШТИНА ЦЕНТАР. НАДЛЕЖНИТЕ ОРГАНИ КОИ ГИ ВОДАТ ПРОЦЕСИТЕ ЌЕ ИНФОРМИРААТ ЗА ТЕКОТ НА ИСТИТЕ, А ГРАДОТ И ПРОТИВПОЖАРНАТА БРИГАДА АКТИВНО ЌЕ ПРИДОНЕСАТ СО ЦЕЛ ПРЕВЕНЦИЈА НА ИДНИ РИЗИЧНИ ИНТЕРВЕНЦИИ.“

И покрај ова, од Пожарна не дошол ниту еден претставник на денешниот состанок на Кризниот штаб на Центар.

Денес попладне на иста маса седнаа претставници на МВР, ЦУК, ДЗС и инспектори од ДИЖС.

Петар Догов